Новата учебна година ќе им донесе покачување на платите на вработените во образованието. На вчерашната 150-та седница, Владата ја усвои Информацијата за покачување на платите во основното, средното и високото образование за 5%, почнувајќи од исплата за септември 2019 година.
Воедно Владата го задолжи министерот за образование и наука Арбер Адеми да ги потпише Спогодбите со Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) за реализација на предвиденото покачување на платите.
Дополнително, министерот за образование и наука треба да изготви решение за новите коефициенти за покачување на платите и кај јавните високообразовни установи и јавни научни институти за 5%, почнувајќи од исплата на платата за месец септември 2019 година.