Секое утро, милиони луѓе поминуваат десетици километри за да стигнат на работа во најголемите светски градови и на крајот од денот се враќаат дома. Можноста работите да се одвиваат поинаку за многумина претставува неостварлив сон. Но, во Финска тоа е реалност.
Финска е со години наназад на чело според флексибилноста која ја имаат вработените на своите работни места. Од средината на 90-тите, Законот за работно време им овозможува на Финците самостојно да го организираат својот работен ден со тоа што би започнале или завршиле три часа порано или подооцна.
Оттогаш, флексибилноста како да стана дел од културата. Според едно глобално истражување спроведено во 2011 година, 9 од 10 фински компании на своите вработени им нудат флексибилно работно време.
Во 2020 година нов закон за поголема флексибилност
Новиот закон кој стапува на сила на почетокот на 2020 година, ќе ја направи 40-часовната работна недела уште пофлексибилна.
Имено, вработените ќе можат барем за половина од своето работно да одлучат каде и кога ќе работат. Освен тоа што ќе можат да го прилагодат своето работно време за да се грижат за семејството или да одат во теретана, работниците со полно работно време ќе можат да акумулираат и слободни денови и истите да ги искористат за продолжен одмор.
Секојдневните патувања до градовите можат да станат непотребни бидејќи со новите правила се овозможува да се работи од далечина.