Вработените во приватниот сектор до крајот на годинава треба да добијат исплата на регрес за годишен одмор попознат како К-15.
Износот на К-15 секоја година се одредува во зависност од висината на просечната нето и бруто плата по вработен во последните три месеци пред датумот на исплата.
Минималниот износ треба да изнесува најмалку 40 проценти од висината на просечната нето плата, а максималниот до 40 проценти од висината на просечната бруто плата.
Регресот за годишен одмор им следува само на вработените во приватните компании, а вработените во јавниот сектор се уште немаат право на него бидејќи истиот не е пропишан во колективниот договор.
За вработените во приватниот сектор важи условот да бидат вработени најмалку шест месеци во тековната година кај ист работодавач.
Според последните податоци од Државниот завод за статистика, износот на К-15 за 2019 година треба да се движи од 10.088 до 14.985 денари.
За работодавците кои нема да исплатат К-15 законот предвидува парични казни до 4.000 евра.