Интервју со Магдалена Димитровска, менаџер за човечки ресурси во Тиго Фајнанс
Менаџментот на човечки ресурси драстично еволуираше низ годините. Ако пред само неколку декади зборувавме за функција „кадровски прашања“ кои ги вклучуваа само административните работи за „кадарот“, денес говориме за функција која постојано се соочува со потребата за изнаоѓање на иновативни начини за управување со највредниот ресурс на компаниите – човечките ресурси.
Но, еволуцијата на функцијата не е единствената варијабла во окружувањето. Дигиталната трансформација на бизнисите, развојот на технологијата, но и еволуцијата на потребите на корисниците, им налага на експертите за човечки ресурси да бидат постојано во тек и им го наметнуваат предизвикот за обезбедување на соодветни човечки ресурси кои ќе ги следат овие промени и предизвици. Финтек индустријата е само една во низата индустрии кои се „родија“ следствено на промените на потребите на клиентите. Разговаравме со Магдалена Димитровска, менаџер за човечки ресурси во една од водечките финтек компании во државата, Тиго Фајнанс.
Какви одговорности има менаџерот на човечки ресурси во Тиго Фајнанс и со кои предизвици се соочува?
Како менаџер за човечки ресурси одговорна сум за сите аспекти на управување, учење и напредување на вработените, од регрутација и селекција, па сѐ до креирање на стратешките планови за развој и унапредување. Најголем предизвик во оваа професија е да се биде линкот помеѓу менаџментот на компанијата и вработените. Секоја страна има свои приоритети и очекувања и потребно е многу трпение, флексибилност и баланс за да се усогласат. Ми се допаѓа тоа што секој ден е различен и динамичен, а со тоа постојано се учи нешто ново. Не постои друг оддел кој е толку вклучен на сите нивоа и во сите функции во компанијата.
Еден од најголемите предизвици е наоѓање на соодветен кадар за одредени позиции. Совршен модел не постои, тука треба да бидеме особено креативни, бидејќи веќе не станува збор само за компетенции и CV, туку веќе зборуваме за „cultural fit“, позитивен „mindset“ и најважно, желба да се биде дел од динамична и предизвикувачка средина во која единствена константа е континуираното учење. Тоа ни ја наметнува потребата постојано да изнаоѓаме начини за позиционирање на нашата компанија како посакувано место за работење, кое негува уникатна култура и вредности. Користиме различни алатки, контакти, социјални медиуми, препораки од страна на вработените, како и традиционални огласувања.
Периодов забележуваме доста огласи за вработување од вашата компанија, па дури и некои кои се доста примамливи и високи како Chief Operations Officer и Chief Business Developement Officer. На што се должи зголемената потреба од отворање на нови работни места?
Финтек индустријата во светски рамки е во своја експанзија, а од тоа не изостанува ниту нашата земја. Со растот на индустријата, расте и бизнисот, а следствено на тоа и тимот, па затоа е неопходно и хоризонтално и вертикално проширување, со цел да одговориме на потребите. Конкретно, во моментов имаме 10 отворени позиции, а меѓу едни од најпримамливите се за Chief Operations Officer и Chief Business Developement Officer, а потребата од овие позиции е во обид да се стандардизираат, подобрат и визуелизираат напредокот на компанијата и структурата на управување. Истите се долгорочно решение, особено со оглед на нашите деловни цели и мисија.
COO (Chief operation officer) е висок извршен директор со задача да ги надгледува секојдневните операции на бизнисот, кој ќе менаџира со секторите кои се фокусираат и грижат за квалитетот на услугата, секторите кои се стремат за ефикасност на процесите, на навремената наплата на побарувањата, секторот за ИТ инфраструктурата, секторот за безбедност и другите сектори и оддели, поврзани со оперативното работењето кои овозможуваат поддршка на бизнисот, додека пак, CBDO (Chief business development officer) ќе се фокусира на менаџирање со секторите кои го прошируваат бизнисот преку експанзија, продажба, партнерска соработка, маркетинг и PR - одржливоста на индустријата преку подобрување на финансиската писменост. Фокусот е на развојот и растот на бизнисот преку градење на односи во индустријата, идентификување на можности и завршување на деловни зделки. Потребно ни е комбинирано стратешко размислување и остри егзекуции заедно со многу голема амбиција и енергија, што ќе му овозможи на бизнисот да ги достигне таргетите и зададените цели.
Она што е особено значајно, а и не толку применета практика во нашата земја, е што покрај „основните“ поволности за позициите, како плата, бонуси, службен телефон, лап топ и сл, Тиго им нуди и можност за сопствеништво во компанијата на повисоките менаџерски позиции со удели, како што се впрочем и овие две.
Нашите очекувања се дека индустријата и во иднина ќе продолжи да расте и да се развива, а со тоа, да отвора голем број можности за амбициозните и храбрите кои својата иднина ја гледаат во ваква компанија која има намера да остане и вложува во развој на ресурсите, продуктите и квалитетот на услугата.