Доколку не сте во работен однос, не сте постари од 34 години и имате завршено минимум основно образование, ги исполнувате правата за да бидете практикант во одредена компанија или институција.
Правата и обврските помеѓу практикантот и работодавачот се регулираат со договор за практикантска работа. Работодавачот е должен да го склучи договорот за практикантска работа со практикантот во писмена форма и истиот треба да биде потпишан од двете страни, пред започнувањето на практикантската работа.
Во случај праксата да се однесува за лице помладо од 18 години, договорот за практикантство го потпишуваат практикантот, неговиот родител/старател и работодавачот.
Периодот на траење на практикантската работа кај еден работодавач може да изнесува до шест месеци, а кај ист работодавач практикантската работа може да се врши само еднаш од едно исто лице.
Права на практикантот
Практикантот, пред започнување на практикантската работа треба да се информира за правата за време на вршењето на практикантската работа, и тоа:
- во писмена форма да го добие описот на целите, задачите и процесот на практикантство, пред да го склучи договорот за практикантска работа;
- да биде запознаен со условите за работа и опасностите поврзани со работата за време на практикантството, пред започнување на истото;
- да биде запознаен со општите акти на работодавачот;
- на дневен и неделен одмор исто како вработените кај работодавачот согласно со општите прописи за работните односи;
- на платен одмор во траење од два работни дена месечно, доколку работи со полно работно време или еден работен ден месечно доколку работи со неполно работно време;
- на надоместок за практикантска работа;
- на надомест на трошоци за службени патувања и други надоместоци кои настанале за потребите на вршење на практикантската работа.
Надоместок за практикантска работа
Практикантот за време на практикантската работа кај работодавачот има право на месечен надомест кој се исплаќа од страна на работодавачот.
Висината на месечниот надоместок се утврдува во нето износ за полно работно време во зависност од времетраењето на периодот на практикантската работа и тоа:
- од 42% до 74% од минималната нето плата, утврдена согласно со закон, за практикантска работа до три месеци и
- во висина на минималната нето плата утврдена согласно со закон, за практикантска работа над три месеци, сметано од четвртиот месец.
Доколку практикантската работа, согласно договорот за практикантска работа, се реализира во период пократок од полното работно време, надоместокот за практикантската работа ќе се пресметува пропорционално на времето поминато на практикантска работа.
Во случај на отсуство од работа по кој било основ, освен одмор за време на работа и празници утврдени со закон, надоместокот се исплаќа пропорционално на времето поминато на практикантска работа.
Надоместокот за практикантска работа на практикантот, работодавачот е должен да го исплати најдоцна до 15-ти во тековниот месец за претходниот месец.