Според Законот за работни односи постојат неколку обврски што секој работодавач ги има кон својот вработен и истите тие треба да ги почитува.
ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА РАБОТА
Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди работа, за којашто страните се договориле во договорот за вработување.
ОБВРСКА НА ПЛАЌАЊЕ ЗА ВРШЕЊЕ НА РАБОТАТА
Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди соодветно плаќање за вршењето на работата.
ОБВРСКА НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНИ РАБОТНИ УСЛОВИ
Работодавачот мора да обезбеди услови за безбедност на животот и здравјето на работниците во согласност со посебните прописи за здравје и безбедност при работа и да ги преземе неопходните мерки со кои се гарантира дека на секој работник му е дадена доволна обука соодветна на посебните карактеристики на работата, водејќи сметка за неговата стручна подготовка и искуство.
ОБВРСКА ЗА ШТИТЕЊЕ НА ЛИЧНОСТА НА РАБОТНИКОТ
Работодавачот е должен да ја штити и почитува личноста и достоинството на работникот, како и да води сметка и да ја штити приватноста на работникот.
ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ НА РАБОТНИКОТ
Личните податоци на работниците можат да се собираат, обработуваат, употребуваат и доставуваат на трети лица само ако е тоа определено со ЗРО или со друг закон или ако е тоа потребно заради остварување на правата и обврските од работниот однос или во врска со работниот однос.