Зоран Милановиќ кон средината на февруари ќе стане новиот претседател на Република Хрватска, но неговите први пари ги заработил со продажба на правосмукалки. Работејќи во директна продажба која подразбира одење од врата на врата, тој успеал да заработи по 300 марки од секоја успешна презентација која резултирала со продаден производ. Неговиот шеф во тоа време го памети како добар и перспективен вработен.
Во далечната 1992 година, Зоран Милановиќ студирал право во Загреб, но истовремено работел и како трговски патник во компанијата Финмар Трејд која е ексклузивен застапник на американските правосмукалки “Кирби”, пишува Jutarnji.hr.
Ова го открива неговиот тогашен шеф, Жељко Омазиќ кој е воедно и директор на компанијата, велејќи дека Милановиќ, како и сите други вработени, најпрво морал да помине неколкудневна обука пред да започне со работа.
Подоцна, неговата работа била директна продажба која подразбира турнеја низ соседството и тропање на врата на непознати луѓе на кои треба да им се понуди презентација која трае околу два часа.
Тоа е најтешката продажна тактика бидејќи одите од врата на врата и очекувате некој непознат човек да ве прими во домот. На луѓето мора да им понудите нешто за да ве пуштат да влезете, па затоа ќе им кажете дека бесплатно ќе им исчистите еден тепих или кревет, а тие ќе ве пуштат да направите демонстрација. Зоран беше многу добар во ова и луѓето беа среќни кога го пречекуваа во нивниот дом. Освен тоа, се рашири приказната за Кирби како навистина луксузен бренд на правосмукалки, така што сите беа заинтересирани барем да видат како изгледа уредот и што се може да се направи со него, вели Омазиќ за jutarnji.hr
Во тоа време, тој работел за фиксна плата од 200 марки, а за секоја продадена правосмукалка му следувала провизија во износ од 300 марки.
Во една прилика и самиот Зоран Милановиќ изјавил дека неговото искуство како продавач било одлична вежба за подоцна кога започнал со јавни настапи бидејќи многу научил од самата комуникација со луѓе што не ги познава.
Нема да мистифицирам и да кажам дека ми тргна со продажба затоа што од стотина направени презентации, продадов само десетина правосмукалки, но заработив доволно за да поминам неколку викенди на море и плус нешто да заштедам, изјавил Милановиќ за споменатиот извор.