Дали некогаш сте се посомневале дека „Фејсбук“ го слуша секој ваш збор? Последните информации што ги имаме се уште повознемирувачки.
„Фејсбук“ ни нуди нов начин накратко да провериме колку само оваа апликација знае за нас: во вторникот оваа социјална мрежа им ја овозможи на своите 2 милијарди корисници долгоочекуваната алатка за следење активности кога не сте на „Фејсбук“ (“Off-Facebook Activity” tracker). Оваа алатка покажува дека на „Фејсбук“ и неговите платформи „Инстаграм“ и „Месинџер“ не им е потребен микрофон за да ве таргетираат со сите оние морничаво прецизни реклами и постови – постојат безброј други начини на кои тие може да го следат секој ваш чекор.
Дури и кога фејсбук-апликацијата е затворена на мојот телефон, социјалната мрежа добива нотификации кога ја користам апликацијата „Питс кофи“. Знае кога ја посетувам веб-страницата на претседателскиот кандидат Пит Бутаџаџ или кога читам написи од „Атлантик“. „Фејсбук“ знае кога кликнувам на мојата кошничка од „Хоум депо“, а и кога ја отворам апликацијата „Ринг“. „Фејсбук“ ги користи сите овие информации од мојата реалност за да ги нагоди сите пораки што ми стигнуваат од различни фирми и политичари.
Сега и вам ви е јасно како „Фејсбук“ ве следи. Алатката за следење ви ги покажува сите податоци што „Фејсбук“ ги собирал за вас во спрега со многуте организации и огласувачи за период од 180 дена. Оваа страница, скриена зад еден куп поставки, е директен производ на ветувањето што основачот на „Фејсбук“, Марк Цукерберг, го даде во 2018 година кога се разгоре скандалот „ Кембриџ аналитика“ за да ни овозможи да ја „избришеме историјата“ од нашите налози.
Новата алатка на „Фејсбук“ не е толку корисна како копчето за бришење на историјата од вашиот веб-прелистувач – не ви нуди опција целосно да го ресетирате вашиот „Фејсбук“. Сепак, со сета таа транспарентност, ви овозможува да прекинете дел од следењето од вашиот налог на „Фејсбук“.
Можеби навистина ќе се изненадите или барем малку ќе се засрамите од податоците што ќе ги најдете таму. На пример, некои од моите колеги виделе дека „Фејсбук“ има податоци од услугите што ги користеле за анализа на спермата или, пак, од пријавувањето во здравственото осигурување, па дури и од веб-страницата каде што се пријавувале за спогодба во врска со протекувањето податоци од компанијата за кредитно известување „Еквифакс“. Дури и кога телефонот ви е целосно исклучен, компаниите може да испраќаат информации дека сте купиле нешто во некоја продавница. Така, еден мој колега дозна дека 974 апликации и веб-страници ја споделиле неговата активност.
Тука не мора да значи дека станува збор за ново кршење на приватноста. Веќе со години „Фејсбук“ соработува со веб-страници, апликации и продавници за да ги следи и таргетира своите клиенти. И тоа не го прави сам. Многу компании испраќаат информации за нас на рекламни агенции и фирми. Сфатете го тоа како потсетник дека сите ние сме дел од едно реално шоу каде што камерите се постојано вклучени.
Целиот текст прочитајте го на ЛИНКОТ