Четврта година по ред „Лего“ се најде на врвот на листата на најреномирани компании во светот
Четврта година по ред, „Лего“ е на врвот на листата на најреномирани компании во светот, а веднаш по неа следи „Дизни“, според најновото годишно истражување Global RepTrak. Инаку, и двете компании се во топ 10 од 2011 година.
Иновациите, вложувањата во обуки на персоналот и силниот фокус на квалитет им овозможија на овие две компании да ја задржат добрата репутација, велат од Reputation Institute кои во својата стуија анкетирале повеќе од 80.000 луѓе ширум 15 држави.
„Лего“ доби 78.9 од можните 100 поени, а „Дизни“ 78.1. После нив, следат „Ролекс“, „Ферари“, „Мајкрософт“, „Леви Штраус“, „Нетфликс“, „Адидас“, „Бош“ и „Интел“ кои исто така се најдоа во топ 10.
Студијата се фокусира на тоа како луѓето ја перцепираат компанијата, вклучувајќи ги нејзините производи, менаџментот, лидерството, финансиските перформанси, иновативноста и влијанието врз општеството во целина.
„Лего“ и „Дизни“ годинава постигнаа особено добри резултати во поглед на своите производи и услуги. Освен тоа, тие размислуваат за околината и инвестираат во образованието на своите вработени.
Тие се одлични во поглед на иновациите и се способни да се прилагодуваат од година во година, проширувајќи ја својата понуда на производи, вели Исидора Леви од Reputation Institute.
Влегувањето на „Дизни“ во стриминг бизнисот и преминот на „Лего“ на коцки направени од растенија и рециклирани коцки до 2030 година, според Леви, се одлични примери за тоа како овие компании ги исполнуваат барањата на потрошувачите.
Добрата позиција на „Дизни“, исто така, се должи и на добрите инвестиции во образованието. Во 2018 година, компанијата инвестираше 50 милиони американски долари за обука на персоналот, вклучувајќи и финансирање на високо образование и стручни курсеви.
„Гугл“ и „Епл“, кои беа на првото и второто место кога започна истражувањето во 2011 година, оваа година не влегоа ниту во топ 10. Лошите резултат на „Гугл“ е поради бројните поплаки за тоа како компанијата се однесува со вработените.
Леви смета дека тајната на овогодинешните топ 10 компании е во тоа што тие успеале да направат баланс помеѓу финансиските цели и корпоративната општествена одговорност.