Политиката се однесува на луѓе кои работат за други компании, но обезбедуваат превозни или кетеринг услуги за вработените во Мајкрософт
Мајкрософт се обврза дека ќе им исплати целосна плата на вработените кои обезбедуваат услуги за останатите вработени во компанијата, како што се возачите на автобуси и персоналот во кафетериите, кои инаку требаше да заработат помала плата бидејќи нивните примања се базираат на работни часови кои во моментов се значително намалени поради тоа што голем дел од вработените следните неколку недели ќе ги поминат работејќи од дома, се со цел да избегнат изложеност на коронавирусот.
Ова доаѓа откако измината среда, Мајкрософт им наложи на своите вработени во седиштето во Вашингтон и канцелариите во Калифорнија до 25 март да работат од дома. Слични соопштенија имаат издадено и други компании, како на пример Salesforce којашто ги охрабри своите вработени во Сиетл, Киркленд и Белевју да работат од своите домови.
“Ние имаме разбирање за потешкотиите на вработените кои се платени по изработен час“, напиша Бред Смит, претседател на правната служба во Мајкрософт, на својот блог. “Како резултат на тоа, решивме Мајкрософт да продолжи да им исплаќа целосна плата на сите вработени чии саатници ќе беа пониски поради намалениот обем на работа. Тоа значи дека 4.500 вработени ќе продолжат да добиваат целосна плата и покрај тоа што нивните работни часови се намалени“, вели тој.
Инаку, од компанијата минатата недела соопштија дека нема да успеат да ги постигнат своите квартални цели за деловниот сегмент што го вклучува Windows поради влијанието на коронавирусот во светски рамки.