Цените на горивата од ноќеска на полноќ се намалуваат од три до пет денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).
Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во прoсек за 9,18 отсто.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за 5,00 денари за литар и ќе изнесува 49,50 ден. ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за 4,50 денари за литар и ќе се продава за 52 денари.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се намалуваат за 3,00 денари по литар, и ќе изнесуваат 45,50, односно 34,50 денари.
Со одлуката на РКЕ за 3,195 денари з акилограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува и ќе изнесува 18,738 денари.
-Ова се моменти кои во историјата на тргувањето со нафтените деривати не се паметат. Нарушениот баланс на понудата и побарувачката поради пандемијата со Ковид 19 донесе силни намалувања на цените и кај нас. Континуираното темпото на силен тренд на намалување на нафтените деривати е рекордно од кога Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги има надлежност да утврдува највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати, изјави посочи претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Со денешната одлука, додаде, повторно драстично ги намаливме цените на нафтените деривати што е потврда дека Методологијата по која се формираат цените на нафтените деривати ги штити интересите на потрошувачите.
-Сакам да потенцирам дека единствено РКЕ е надлежна за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и секој понеделник носи одлука. Сериозно ќе ги разгледаме можностите за одговорност на лицата кои од позиции во институциите шират шпекулации за цените на нафтените деривати пред официјално да се објават. Упатувам апел во оваа вонредна состојба сите да сме одговорни. Секоја шпекулација може да се одрази врз економските текови кои се хипер сензитивни во овој период, посочи Бислимоски.