Производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени за време и на полицискиот час, а работниците во време на забраната ќе се движат со посебни дозволи за вршење на сменска и ноќна работа. Оваа одлука беше донесена на координативниот кризен штаб на Владата.
При тоа е усвоена и содржината на дозволата и истата се задолжуваат да ја издаваат одговорните лица на компанијата. Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, работното место и смената во којашто е ангажиран работникот. За валидност на дозволата се пополнува и називот на компанијата во којашто лицето работи, а треба да го содржи и меморандумот на компанијата како и потпис и печат од одговорното лице во компанијата. Овој документ е потврда за движењето на работникот во услови на полициски час и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена.
Воедно, ги потсетуваме правните лица на законската обврска за пријава на ноќна работа. Имено, согласно член 127 од Законот за работните односи, работодавачот кој користи работници за ноќна работа во ноќна смена меѓу 22:00 часот и 6:00 часот, должен е да ја извести инспекцијата на трудот (Државен инспекторат за труд).
Заштитата на здравјето на работниците е основен услов за заштита на целата економијата, а Владата и стопанството имаат иста цел – во овие вонредни услови работењето на компаниите да продолжи, но истовремено да се сочува и јавното здравје. Затоа апелираме до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштитата на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките.
Препораките за организирање на работниот процес се следните:
1. Во погоните каде непосредно се врши производниот процес да се лимитира бројот на вработени до таа мера да работниците бидат на растојание од 1,5 до 2м.
2. Во самиот погон задолжително да се обезбеди средство за дезинфекција нa раце и работни површини.
3. За време на работното време од страна на вработените да се почитуваат општите препорачани мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена (зачестено миење на раце и дезинфекција со употреба на дезинфекциони средства на база на алкохол).
4. Да се врши почесто проветрување на работните простории односно повеќе пати во текот на денот и доколку е тоа можно (преку природна и вештачка вентилација).
5. Еднаш неделно да се врши дезинфекција на сите работни простории, особено во погоните, од овластена служба за тоа.
6. Во случај на непосреден контакт со позитивен лабораториски потврден случај на КОВИД-19 (со или без симптоми), лицето веднаш се изолира и се пријавува до надлежен Центар за јавно здравје.
7. Да се избегнува контакт на вработените лица од погоните меѓу себе во текот на работниот процес, а особено со административните службеници.
8. Во случај на потреба од административна работа, потпишувањето на хартиени документи да се спроведува исклучиво преку едно одредено лице кое носи лична заштитна опрема на себе (заштитна маска и ракавици).
9. Лицата задолжени за обезбедување на објектот да носат исто така лична заштитна опрема.
10. Возачите кои дистрибуираат готови производи, репроматеријали, хартиени документи, исто така да носат лична заштитна опрема.
11. Да не се одржуваат состаноци/колегиуми и истите да се спроведуваат по телефон или на меил, соопштуваат од Владата.