Група граѓани бара воведување евтина тарифа на струјата за време на вонредната состојба, заради повисоките режиски трошоци поради наредбите за останување дома како заштита од коронавирусот, а во прилог на барањето поднесува иницијатива потпишана од 36.000 граѓани. Бараат иницијативаат да биде разгледана на првата седница на Владата.
„Задолжителноста на самоизолацијата, подразбира задолжително останување дома во текот на речиси целото деноноќие. Тоа значи повисоки режиски трошоци (повисоки сметки за струја, вода, греење итн.). Затоа, бараме од Владата вонредната состојба да ја искористи преку донесување низа уредби со законска сила за помош на населението преку социјални трансфери. Но, пред да се донесат истите, неопходни се итни мерки кои треба да се донесат веднаш! Во прв ред тоа е воведување ефтина тарифа за струјата во текот на целото деноноќие, а со цел да се спречи негативниот економски ефект на самоизолацијата – зголемени износи на сметките за струја. Сметаме дека оваа мерка може да се донесе веднаш“, стои во соопштението од групата граѓани.
Според нив, членот 71 од Уставот и натаму важи, т.е во услови на прогласена вонредна состојба, 10.000 граѓани и натаму се овластени предлагачи, ако не на закон, тогаш на уредба со законска сила.
„Во вонредна состојба суспендиран е Парламентот, но граѓанските права не се. Може да се зборува за ограничување на нивните права, но во никој случај не може да стане збор за нивно целосно укинување. Во случајов, Владата ги презема ингеренциите и обврските на Парламентот, а една од ингеренциите и обврските на Парламентот е да одлучува по предлог закон на 10.000 граѓани. Така што, во услови на прогласена вонредна состојба, 10.000 граѓани се и натаму овластен предлагач на закон/уредба за законска сила“, велат од граѓанската иницијатива.
Издадените препораки со сила на наредби, посочуваат, не само препораки за самоизолација, туку се работи за директни забрани, имајќи ги предвид дневните полициските патроли кои разбиваат и најмали собири на граѓани, а воведен е и полудневен полициски час.
„Оттаму, може да констатираме дека се работи за наредби за задолжително седење дома, имајќи го предвид брзото и лесно ширење на коронавирусот. Сето ова го прави сосема неможно остварувањето на уставно загарантираното право од членот 71 од Уставот. Собирањето потписи и нивно евидентирање во подрачните единици ширум Републиката, би значело собирање повеќе граѓани на едно место, нешто што е невозможно, имајќи го предвид и фактот што, прво, граѓаните нема себе си да се изложат на опасност од зараза, колку и да им значи инцијативата, а второ, полицијата би го разбила таквото собирање. Затоа Ве молиме со должно внимание да ја разгледате оваа иницијатива за донесување уредба со законска сила за воведување евтина тарифа на струјата“, порачуваат од граѓанската иницијатива.
Со оглед на тоа што над 36.000 граѓани ја поддржаа петицијата, додаваат, сметаме дека сте обврзани оваа иницијатива да ја ставите на разгледување и гласање на првата следна седница на Владата.