Владата ја донесе уредбата со која ќе се воведе одложување на исплатата на ратите од кредитите на граѓаните и фирмите, како и други поволности за клиентите на банките и штедилниците додека трае кризата предизвикана од епидемијата на коронавирус. Иако во уредбата не се споменува конкретен период, министерката за финансии Нина Ангеловска, на прес-конференција на 22 март, кажа дека ќе има мораториум од три месеци за исплаќање на ратите, а, како што рече тогаш, некои банки се расположени и за повеќе од три месеци.
Промената на условите за исплата на кредитите ќе се изврши без да се посетуваат експозитурите и филијалите, и тоа преку:
- објава на своите веб-страници со понуда за промена на условите за плаќање на кредитите и/или
- одделно известување на клиентите, преку електронска и/или писмена комуникација.
„Со Уредбата е утврдено дека ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката/штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена. За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со Уредбата ќе се смета дека понудата не е прифатена“, соопштија од Народна банка.
Целиот текст може да го прочитате на sdk.mk