Да се добие работа во Мајкрософт и без факултетска диплома е возможно, дури и ако не сте Бил Гејтс.
За голем број почетни позиции во Мајкрософт не ви треба факултетска диплома, напротив, компанијата ги охрабрува сите кандидати кои мислат дека ќе се вклопат добро да аплицираат. Платите за повеќето вакви позиции се движат од 60.000 до 130.000 долари годишно.
Директорите на Мајкрософт велат дека ваквата практика им овозможува да дојдат до поширока база на таленти и да изградат подиверзитетна работна сила во рамките на компанијата.
Ако располагаме само луѓе со исто ниво на образование, иста професионална позадина и се останато, тие нема да можат да ги решат сите наши проблеми. Но, ако имате луѓе со различен профил, тие навистина ќе може да размислуваат поинаку, смета потпретседателот на Мајкрософт, Ен Џонсон.
Како што велат одтаму, факултетските дипломи не се непогрешлив показател дали кандидатот ќе се снајде добро на одредена позиција – наместо тоа, Мајкрософт става големо значење на меките вештини како што се тимската работа и љубопитност, како и подготвеност на кандидатот за брзо учење.
Мајкрософт не е единствената голема технолошка компанија што ги предизвикува и преиспитува традиционалните очекувања кога станува збор за вработување на луѓе. Гугл и Епл имаат слични политики за прифаќање на апликации од различни кандидати, без оглед на нивното образование бидејќи целата технолошка индустрија се бори против недостатокот на различност.
На ист начин и Елон Маск неодамна преку Твитер бараше нови вработени без оглед на нивното образование. За во Тесла, доволно е само да го положите неговиот тест.