Дали поради ситуацијата во којашто се наоѓаме сега или заради природата на вашата работа, канцеларијата ви е сместена дома? Ако одговорот е да, тогаш следува уште едно прашање, како се снаоѓате, ако имате деца?
Кристен Хер, вработена мајка го споделува своето 12-годишно искуство со работа од дома со две деца. Иако за многумина тоа е сосема нормален начин на работа, постојат и вработени кои се приморани да работат од дома, а треба да се има предвид и дека се затворени градинките и училиштата, па децата се нон стоп дома.
Нејзин заклучок е дека работата од дома, со деца, е прилично тешка, но не и невозможна. Треба да се знае дека во услови на карантин, децата ќе бидат постојано дома, па ќе мора да знаете како да се справите со вишокот енергија што излегува од нив. Не го решавајте нивниот темперамент само со цртани филмови или видео игри. За среќа, живееме во ера на дигитализација кога многу креативни мајки ги споделуваат своите трикови и игри со децата во домашни услови. Затоа, прилагодете простор во којшто детето, согласно неговата возраст и интереси, може безбедно да го поминува времето во играње, а вие да бидете тука и да надгледувате.
Ако имате мало бебе, за многу мајки кои работат од дома, кенгурот е единствено решение. Во одредени ситуации, кога бебето има потреба само и само од вас, не треба тоа да го криете од колегите. Објаснете им во каква ситуација сте, сигурно ќе имаат разбирање за вас. Но, никогаш не се вадете на таа “карта“, туку штом се ослободите, веднаш завршувајте ги обврските и задачите што ви се дадени.
Меѓу триковите што може да помогнат, е да се работи додека децата спијат, на пример рано наутро или доцна навечер. Иако ова понекогаш е напорно, сепак ќе имате време да завршите што е можно повеќе работа, а потоа и повеќе време да поминете со вашето бебе.
Оние мајки кои имаат деца на возраст од три до седум години, велат дека децата на таа возраст имаат најмногу барања. Тоа е така, бидејќи спијат помалку од бебињата, имаат поинакви потреби, а сепак не се толку големи за да можат сè да завршат сами.
Со таквите деца треба однапред да направите план за играње, време за ужинка, ручек, пладневна дремка… Така сами ќе си ја олесните работата, а во исто време на децата им создавате одредена рутина што треба да ја почитуваат исто како да се во градинка или училиште.
Многу е погрешна стратегијата да ги игнорирате децата, особено кога викаат по вас. Подобро е да направите мала пауза, да им го обрнете потребното внимание и потоа да продолжите да работите. Во спротивно, децата ќе станат уште поупорни, а вие ќе немате концентрација за работата и времето ќе ви помине само во убедување.
Секогаш при рака имајте едукативна играчка, боенка, коцки, сложувалки, сетови за цртање…. сите оние активности што се соодветни за возраста на вашето дете.
Добар совет може да биде во оние моменти кога мора да завршите некоја работа, тогаш на детето да му дадете некое задолжение, обврска или задача, којашто треба да ја изврши. Така и детето ќе биде ангажирано и полесно ќе му поминува времето, без да бара внимание од вас.
Децата не можат да одолеат кога ве гледаат, па сигурно додека играат ќе ви поставуваат безброј прашања. Најдете начин како да не го загубите фокусот на она што го работите, но и да имате доволно време за да дадете одговор на нивната безгранична љубопитност.
Сепак, иако е малку напорно, ова е убав начин да бидете близу до вашите деца, да им ја пружите целата љубов и внимание за да им покажете колку ги сакате и колку се важни, а и да заработите доволно.