Во Германија започна исплата на брза финансиска помош за мали компании и самостојни трговци чии бизниси се погодени од пандемијата на коронавирусот.
Педантната германска бирократија, особено темелна кога станува збор за пари, сега ја снема преку ноќ. Работите сега треба да одат “брзо” и “небирократски” за да се спасат што е можно повеќе работни места.
Потврда за тоа се 50-те милијарди евра од државниот буџет кои веќе се насочуваат кон самостојните трговци и малите компании се со цел колку-толку да се надминат несаканите ефекти предизвикани од пандемијата Ковид-19.
Од овој понеделник, буквално сите германски покраини примаат барања за финансиска помош, а поголемиот дел од нив имаат додадено и свои средства за да ја унапредат веќе утврдената понуда.
Основата е паушална исплата до 9.000 евра за следните три месеци, доколку компанијата има до 5 вработени, односно до 15.000 евра доколку станува збор за фирма со максимум 10 вработени. Тоа се неповратни средства за кои компаниите нема да имаат никаква обврска да ги вратат.
Идејата е да им се помогне на оние што први би го почуствувале ударот доколку се случи колапс на германската економија, а тоа се мали ресторани, кафулиња, фризери, таксисти, земјоделци и уметници.
Секоја провинција има поинакви правила, но заеднички предуслов е бизнисот да биде погоден од пандемијата, односно од мерките за забрана наметнати од страна на државата за да се спречи ширењето на коронавирусот.
Така, во најголемата провинција Северна Рајна-Вестфалија, помош ќе добие секој чијшто објект бил затворен со одлуката на владата или изгубил повеќе од 50 проценти од својот приход како резултат на кризата, а овој финансиски стимул се однесува и на тие што ќе докажат дека сегашната состојба ја загрозува иднината на компанијата.
Средствата не се наменети за плати на работниците, туку за покривање на тековни оперативни трошоци, како што се трошоците за кирија, одржување или отплата на претходно подигнати кредити. Таблоидот Билд објави дека веќе се поднесени повеќе од 360 илјади барања, а властите досега одобриле 138 милиони евра.
Сепак, ова е само дел од сеопфатниот пакет одобрен од Бундестагот минатата недела, што ќе ја принуди Германија да позајми најмалку 156 милијарди евра.
Бундестагот донесе и други мерки кои се во корист на граѓаните, како што се полесен пристап до социјална помош и заштита на потстанарите кои поради кризата не се во состојба да платат кирија.