Техничкиот премиер го презентира вториот пакет мерки за надминување на, како што рече, здравствено-економската криза во земјата
Нов сет мерки за спас на економијата поради кризата со коронавирусот објави денеска премиерот Оливер Спасовски. Мерките, меѓу другото, предвидуваат помош за приватните компании, како и кратење на платите на сите функционери на ниво на минималец. Членовите на управни и надзорни одбори, како и членовите на советите на општините, пак, ќе треба да се откажат од надоместоците. Спасовски нагласи дека не е предвидено кратење на платите на вработените во јавниот сектор, ниту на именуваните лица во јавното здравство.
Дел од мерките се однесуваат за април и мај, а некои, како што е одложувањето на кредитите, може да се пролонгираат до есен. Спасовски рече дека мерките се донесени како резултат на сеопфатна дебата во социоекономскиот совет на Владата, како и со стопанските комори и академската заедница. Една од целите, како што рече техничкиот премиер, е да се зачуваат што повеќе работни места.
Што предвидуваат мерките на Владата:
- Финансиска поддршка за приватните фирми, преку исплата на платите на работниците за април и за мај, во износ од најмногу 14 500 месечно по работник, согласно часовите поминати на работа. Работодавачите кои ќе побараат да ја користат оваа мерка не смеат да им исплаќаат дивиденди на сопствениците, како и годишни награди и бонуси и треба да имаат најмалку 30 проценти намалување на приходите. Финансиската поддршка не се однесува на работници кои во последните четири месеци имале плата повисока од 39 илјади денари. Работодавачите имаат обврска да го задржат истиот број вработени до септември. Потоа, фирмите со загуба во 2020 нема да ја враќаат помошта, а другите ќе треба да вратат до 50 проценти. Оваа мерка ги опфаќа и медиумите, а дополнително и занаетчиите. Другата опција за помош на приватните фирми е субвенционирање на 50 проценти од придонесите за работниците.
- Помош за спортистите, односно обезбедена минимална плата за спортските работници за наредните два месеца.
- Помош за уметниците, односно загарантиран минималец за 141 самостоен уметник за наредните два месеца.
- Помош за работници што останале без работа поради кризата, односно надоместок од 50 проценти од просечната нето-плата на работникот во последните 24 месеци и согласно годините на работниот стаж.
- Сите избрани и именувани функционери на локално и централно ниво ќе добијат минимална плата за април и за мај годинава. Оваа мерка ќе се однесува за целиот државен врв, пратеници, министри, градоначалници, директори… освен за именуваните лица во јавните здравствени установи.
- Претседателите и членовите на надзорни и на управни одбори, како и на совети на општини ќе работат без месечен паушал, освен ако се невработени. Оваа мерка ќе трае додека не биде стопирана владината одлука.
- Помош за невработените и за лицата кои се дел од неформалната економија, преку надомест од 7 000 денари по домаќинство.
- Се запира Законот за извршување до крајот на јуни. Ова немa да важи само кога парите се легнати на сметка на доверителот и при алиментација за самохрани родители.
- Одложена исплата на кредитите во банките од три до шест месеци.
- Намалување на ратите и репрограмирање на кредитите кај финансиските друштва и лизинг-компании.
- Да се одложи плаќањето на закуп за социјалните станови.
- Дополнителни бескамантни кредити за фирмите. Развојната банка ќе пушти дополнителни осум милиони евра бескаматни кредити за микро, мали и средни претпријатија. Максималниот износ на кредитот не може да биде повисок од 90 илјади евра, а минималниот износ не може да биде понизок од 3 илјади евра. Рок на отплата е до три години со вклучен грејс-период од 12 месеци, а отплатата ќе се врши квартално.
- Педесет милиони евра кредити од Развојната банка ќе бидат пласирани преку комерцијалните банки за заштита на ликвидноста на компаниите. Со ова се овозможуваат поволни кредити за мали и средни претпријатија со цел да се обезбеди свеж капитал.
- Се забранува отворање стечајна постапка за време на кризата и шест месеци по кризата.
- Задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор за 2020 година, односно задолжително доискористување на годишниот одмор од минатата година заклучно со 31 мај оваа година. Оваа мерка ќе се одобрува од страна на работодавачите.
- Владата ќе формира солидарен фонд, во кој сите фирми и поединци ќе можат да донираат пари кои ќе се користат за справување со коронавирусот.
„Владата ќе ги следи мерките и нивната ефикасност и ќе ги зајакнува механизмите кои ќе се покажат како продуктивни. Кризата со вирусот покажа колку сме сите ранливи. Во ова сме сите заедно. Најважно е да останеме здрави и да ја надминеме оваа криза. но треба да ја заштитиме и домашната економија“, рече Спасовски.