Ова лето, ќе бидат инсталирани 40 полначи за електрични автомобили во сите поголеми градови во Македонија а заради промоција на е-автомобилизомот, ЕВН нема да наплаќа во 2018-та. Ова за „Капитал“ го потврди Штефан Петер, претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
За ракување со електронските полначи едноставно ви е потребна картичка од ЕВН. Го паркирате вашето електрично возило бесплатно на еден од назначените паркинзи за полнење кој секогаш ќе биде во центарот на општината. Потоа се регистрирате со картичката и го поврзувате вашиот автомобил со полначот. Тоа е тоа. Потрошената електрична енергија ќе ви дојде во вашата месечна фактура. Но, не во 2018 година. Како промоција на е-автомобилите и подобра животна средина, ЕВН нема да ги наплаќа трошоците на купувачот - вели Петер на едно од прашањата во интервјуто.
Тој додава дека во моментов во Македонија нема повеќе од 100-тина е-автомобили.
Според моето знаење, помалку од 100. Но, прашањето треба да биде – колку може да бидат опслужени? Кој е потенцијалот? Во Норвешка оваа година, регистрацијата на е-автомобили (и хибриди) ја надминува онаа на конвенционалните автомобили. Мислам дека тоа е мега-тренд. Некои научници предвидуваат дека прагот од 100 милиони возила низ целиот свет ќе се постигне до 2030 година. Опсегот на е-автомобилите се зголемува од ден на ден и тука малата површина на земјава е предност. Но, ја имаме дилемата со кокошката и јајцето. Што доаѓа прво? Е-автомобилите или е-полначите? Решивме да го прекинеме овој циклус и ќе инсталираме 40 современи електрични полначи во Скопје и сите поголеми градови во Македонија на јавен простор. Значи, ова лето ќе биде можно да се вози е-автомобил од Скопје до Охрид, да се наполнат батериите додека се испие кафе на езерото, да се продолжи до Битола, Прилеп, Велес и назад во Скопје и секогаш да се најдат можности за полнење. Ова е можно само со добра соработка со општините - изјави Петер.