Минималната цена на стан достигна до 1.050 евра по метар квадратен во Центар, најурбаната општина во Македонија, благодарение на ДУП-от кој се донесе пред седум години околу главната улица низ Маџир Маало, односно во околината на Народна Банка на РМ.
Седум градби се од скоро завршени или изградбата им е во тек, а тука допрва се очекува градежна офанзива на уште повеќе.
- Ова е практично единственото слободно место каде што може масовно да се гради во Центар, а резултатите од донесениот ДУП пред седум години сега стануваат видливи - велат од агенцијата „Планет Недвижнини“.
Од таму додаваат дека тоа се домови кои имаат потенцијал да бидат купени и до 80 насто додека се уште во изградба.
Инаку досега за најповолни станови во Општина Центар се сметаа оние на потегот кон Католичка Црква во Буњаковец, каде што цената може да достигне до 1.150 евра од м2, додека од старите градби, за најевтини важат живеалиштата од т.н. „егејски згради“ во Дебар Маало.
Може да се каже дека Општина Карпош се приближува со цените кон Центар со 1.150 евра по м2 со платен ДДВ. Во Карпош се бараат поголеми станови, за разлика од Центар каде што повеќе се купуваат гарсониерите.
Најевтин стан, нова градба, во цело Скопје може да се купи во Ѓорче Петров, каде што минималните цени сега се до 720 евра по м2, додека пред неколку години тие беа за стотина евра поскапи.
Во Аеродром цената останува стабилна од 1.100 евра по м2.
извор: faktor.mk