Следејќи ја последната одлука на Владата за воведување на полициски час од 16:00 до 05:00 часот секој работен ден и 24 часовна забрана за движење за време на викендите, маркетите го објавија новото работно време според кое ќе работет во следните денови.
Супермаркетите на Веро согласно мерките и препораките на Владата од среда (8 април 2020) ќе работат од 07:00 до 15:00 часот од понеделник и петок, додека сабота и недела ќе бидат неработни.
Исто работно време ќе има и Рамстор, од 07:00 до 15:00 часот со тоа што сабота и недела и за овој маркет ќе бидат неработни. Рамстор ги известува своите потрошувачи и дека секој работен ден од 10:00 до 12:00 часот приоритет при пазарење ќе имаат постарите лица од 67 години, бремените жени и лицата со попреченост.
Маркетите на Рептил согласно последната одлука на Владата ќе работат со ново работно време, и тоа од 07:00 до 14:30 часот секој работен ден (од понеделник до петок), а сабота недела ќе бидат неработни. Од компанијата известуваат дека промената на работното време ќе важи за сите Рептил маркети се додека не се донесе нова одлука.
Ново работно време ќе има и Тинекс кој ги извести потрошувачите дека од денес маркетите ќе работат со скратено работно време. Во Тинекс ќе може да пазарувате од 07:00 до 15:00 часот од понеделник до петок. Сабота и недела како и кај останатите маркети се неработни.
Стокомак соопшти дека согласно изречената мерка за зголемување на полицискиот час на територија на цела земја, маркетите ќе започнат со работа во 07:00 часот.
По скратено работно време ќе работат и Жито маркети со тоа што од понеделник до петок ќе се работи до 15:00 часот, односно до 14:30 часот во маркетите низ Скопје.