„Ковид-19“ е веќе насекаде на глобално ниво, но сè уште има неколку држави кои досега немаат регистрирано ниту еден случај на вирусот. Меѓу нив е една од најрепресивните земји во светот – Туркменистан, пишува Би-Би-Си, додавајќи дека многу експерти се загрижени дека владата можеби ја крие вистината и со тоа ги спречува обидите да се стави крај на пандемијата.
И додека земјите масовно го блокираат движењето на нивното население, во Туркменистан се одржува масовен митинг со велосипеди за да се одбележи Светскиот ден на здравјето на 7 април.
Централноазиската држава тврди дека сè уште има нула случаи на коронавирус. Но, дали можеме да веруваме во бројките што ги дава владата позната по својата цензура?
„Официјалната здравствена статистика од Туркменистан се знае дека е несигурна“, вели професорот Мартин Меки од лондонската школа за хигиена и тропска медицина, кој го проучувал здравствениот систем на Туркменистан. „За изминатата деценија, тие тврдат дека немаат луѓе кои живеат со ХИВ / СИДА“.
Сепак, многумина во Туркменистан се загрижени за веќе сомнителното присуство на „Ковид-19“ во земјата.
Туркменистан, всушност, ги затвори повеќето гранични точки пред повеќе од еден месец. Исто така, ги откажа летовите кон Кина и некои други земји на почетокот на февруари и започна да ги пренасочува сите меѓународни летови од главниот град кон Туркбамабат на североисток, каде што се создаде и карантинската зона.
Сепак, постои чувство на епидемија во заедницата – сообраќајот меѓу градовите е ограничен и оние што влегуваат во Ашгабат сега мора да имаат лекарски упат.
Но, за разлика од поголемиот дел од светот, секојдневниот живот во Туркменистан продолжува на стариот начин. Кафулињата и рестораните се отворени. Луѓето се собираат на свадби. Никој не носи маски и масовните настани продолжуваат.
Земјата се чини дека одбива да ја признае најголемата закана од коронавирус.