Некои европски земји претпазливо ги најавија плановите за укинување на ограничувањата наметнати од коронавирусот настојувајќи што побрзо да го расчистат патот за враќање кон нормалниот живот после еден месец целосна изолација.
На почетокот на март, СЗО објави дека Европа е новиот епицентар на глобалната пандемија, а досега Шпанија, Италија, Франција и Германија пријавија дека имаат повеќе од 100.000 случаи заболени од Ковид-19.
Сепак, во последните неколку денови, некои помали земји бележат забавување на бројот на нови инфекции и смртни случаеви.
Такви се Австрија, Чешка, Данска и Норвешка кои најавија дека во текот на овој месец ќе започнат да ги олеснуваат ограничувањата кои ги наметна пандемијата.
Австрија
Австрија најави повторно отворање на некои продавници од 14-ти април.
Реагиравме побрзо и построго во однос на другите земји и затоа може да се избегне најлошото. Нашата брза и рестриктивна реакција сега ни дава можност побрзо да излеземе од кризата, изјави канцеларот Себастијан Курц во понеделникот.
Тој додаде дека следната недела ќе биде клучна за земјата. Австрискиот канцелар изјави дека планот е да се отворат сите продавници од 1-ви мај. Сепак, во малопродажниот простор ќе биде дозволено да има по еден купувач на 20 метри квадратни, а сите купувачи задолжително ќе треба да носат заштитни маски кога пазаруваат во маркетите и аптеките со простор поголем до 400 метри квадратни.
Курц кажа и дека рестораните и хотелите нема да бидат отворени до средината на следниот месец, а јавните настани нема да бидат дозволени барем до крајот на јуни или јули.
До денес, Австрија има регистрирано скоро 13.000 позитивни случаеви на Ковид-19, а животот од смртоносниот вирус го загубија 273 луѓе.
Данска
Во Данска, центрите за детска грижа и училиштата повторно се отвораат од 15-ти април, овозможувајќи им на родителите да се посветат на секојдневните работни обврски. Сепак, сите преостанати ограничувања, вклучително и забрани за јавни собири на повеќе од 10 лица ќе останат на сите барем во наредните четири недели.
Ова ќе бде како одење по жица. Ако застанеме, би можеле да паднеме, но ако одиме премногу брзо, работата може да тргне наопаку. Затоа мора да одиме чекор по чекор, изјави данската премиерка Мете Фредериксен на неделниот брифинг за новинари.
Во оваа нордиска земја бројот на заболени и смртни случаеви во последните неколку дена се стабилизира, но премиерката предупреди дека постепеното олабавување на мерките ќе продолжи само доколку граѓаните се придржуваат кон препораките на владата.
Данска има пријавено повеќе од 5.000 позитивни случаи на Ковид-19 со 218 смртни случаи.
Норвешка
Норвешка, следејќи го примерот на Австрија и Данска, исто така би објави плановите за постепено омекнување на мерките. Првиот чекор е отворање на градинките некаде помеѓу 20-ти и 27-ми април, а потоа следат училиштата за настава од прво до четврто одделение кои ќе бидат отворени на 27 април.
Ние заеднички ја преземаме контролата на вирусот, па затоа сакаме и малку да го отвориме нашето општество, изјави во вторникот Ерна Солберг, премиерка на Норвешка.
Земјата која има ограничувања до 13-ти април ги затвори градинките и училиштата и го забрани влезот за странци кои не живеат или работат во Норвешка.
Солберг предупреди дека додека се преземаат мерки за повторно отворање на економијата, луѓето треба да продолжат да работат од дома, а Норвежаните треба да се навикнат на мерките дизајнирани да го ограничат ширењето на вирусот “на подолг период”.
Во Норвешка беа регистрирани повеќе од 6.000 случаеви на Ковид-19, а земјата имаше 101 смртен случај на цела територија.
Република Чешка
Во Република Чешка, владата објави дека некои продавници ќе се отворат од четврток, а ќе се ублажат и некои ограничувања на спортските активности кои не вклучуваат групирање на луѓе како што се трчање и возење на велосипед.
Оваа земја беше една од првите европски земји кои воведоа рестриктивни мерки на почетокот на март, дури и пред бројот на заболени во земјата да надмине 200.
Сега јасно тврдиме дека можеме да управуваме со пендемијата релативно добро, а не дека пандемијата управува со нас, кажа министерот за здравство Адам Војтех.
Тој додаде и дека во земјата нема големо зголемување на пациенти, што е добар знак.
Досега, повеќе од 5.000 заболени се регистрирани во Чешка, а бројот на смртни случаи се искачи на 104.
Веќе пишувавме за тоа дека и Германија од 19-ти април планира да ги олесни мерките за ограничување на движењето и постепено да започне да се враќа во нормала. Се разбира, ова вклучува строги мерки на однесување, како на пример носење на заштитни маски и забрана за големи собири.