Синдикатот на работниците од градежништвото, индустријата и проектитањето заедно со Македонското здружение за заштита при работа изработи „Водилка за безбедност и здравје при работа во градежништвото за превенција од коронавирусот".
Во прирачникот се содржани основните препораки и мерки за заштита од коронавирусот кои треба да ги почитуваат работодавачите и работниците во градежништвото. Меѓу другото се препорачува редовно одржување на личната хигиена, носење на заштитна опрема, држење на социјална дистанца, редовна дезинфекција на облеката, алатот и работниот простор, ограничување на непотребното движење меѓу локациите, контејнерите и канцелариите, како и обезбедување на посебен буџет во компанијата кој ќе биде наменски користен за справување со пандемијата.
Како и во сите останати сектори, така и во градежништвото се очекуваат загуби заради ограничувањата на работната сила, затварање на градилиштата и можните болни работници.
– Проблемот е навистина голем и трпи последици по економијата и работниците. Мораме да се бориме заеднички, бидејќи токму секторот градежништво е еден носечки столб во економијата и главен двигател на бруто домашниот производ. Статистиката вели дека опфаќаме број од над 50 илјади вработени во секторот и затоа мора да внимаваме да не дојде до колапс, велат од Синдикатот.
Прирачникот ќе биде достапен на веб страниците на Сојузот на синдикати на Македонија и на Македонското здружение за заштита при работа, како и на Фејсбук и Јутјуб каналите.