Преку појаснување на мерките, како и прилагодување на истите согласно потребите и барањата, Владата ќе им излезе во пресрет на угостителите, беше заклучено на денешниот состанок на министерката за финансии, Нина Ангеловска, министерот за економија, Крешник Бектеши и претставници на кластерите за угостителство при стопанските комори.
Министерката за финансии, Ангеловска, рече дека се отворени за брза комуникација, да ги објаснат но и прилагодат мерките за да се излезе во пресрет на барањата на реалниот сектор.
Таа посочи дека се направени промени во уредбата за мерката плата 14.500 денари по вработен за мали и микро претпријатија со која се овозможува сопственикот и управителот ако се вработени во фирмата да можат да аплицираат за мерката. Исто така, покрај овој услов беше променет и условот 2 месеца наместо 4 како што беше претходно, да се задржи истиот број вработени по користењето на истата.
Угостителите го поздравија дијалогот со Владата.
- Во делот на новите уредби што ги донесе Владата, таа покажа позитивен чекор за некои од работите кои ние ги укажувавме и тоа е добар чекор, и се надевам дека соработката ќе продолжи на тој начин и понатаму. Ни фалеше ваков конструктивен дијалог. Ќе се потрудиме да ги пренесеме нашите мерки најдобро што можеме и сакам да нагласам дека приматот го ставаме на тоа како да ги задржиме нашите вработени и како да добиеме најмногу средства за нив – рече Мартин Ангеловски, претставник на угостителскиот сектор