Една третина од вработените во Србија биле принудени да користат одмор, боледување или платено или неплатено отсуство од работа, а 12 проценти од вработените добиле отказ поради епидемијата на коронавирусот, покажува истражувањето на водечкиот сајт за вработување во Србија Poslovi Infostud.
Коронавирусот ја зема својата цена на пазарот на трудот во Србија. Тоа го потврди и истражувањето на нашиот партнер Poslovi Infostud кое покажа дека секој осми работник во земјата останал без работа поради Ковид-19.
Од луѓето кои останале без работа, 46 проценти изјавиле дека нивната компанија привремено е затворена, а 37 проценти кажале дека обемот на работа се намалил. 15 проценти сметаат дека причината за тоа е “кратењето на трошоци на фирмата” и само 3 проценти велат дека нивната компанија се затворила трајно.
Околу 5 проценти од испитаниците рекле дека нивните работодавци сè уште не вовеле дополнителни мерки за да се спречи ширењето на инфекцијата.
Загриженост дека ќе ја изгубат работата изразиле 40 проценти од испитаниците, додека пак 26 проценти изјавиле дека нивната плата била намалена. 38 проценти очекуваат дека ќе им се намали заработката во следниот период.
Најголемиот број работодавачи посочија дека коронавирусот има негативно влијание врз нивниот бизнис (56 проценти), додека за 36% влијанието е сè уште умерено негативно.
Сектори кои се најпогодени од кризата се туризмот и угостителството, а потоа следи трговијата во која не се вклучени продажбата на храна и транспортот на луѓе.
Околу 80 проценти од компаниите започнале или ќе започнат со намалување на трошоците, вклучувајќи ги трошоците за маркетинг и другите интерни трошоци, трошоците за добавувачите и трошоците за вработените.
Во истражувањето за влијанието на коронавирусот врз пазарот на трудот биле опфатени 4.329 испитаници и 580 деловни субјекти.