Околу половина од 2.095 милијардери на планетава живеат во САД или Кина. Мнозинството од останатите земји имаат помалку милијардери во 2020 година во споредба со минатата година, пишува Форбс.
И покрај неодамнешниот пад на берзите низ целиот свет, двете најголеми економии на планетата имаат повеќе милијардери сега отколку пред една година.
Додека бројот на луѓето чии имиња се најдоа на најновата листа на милијардери на Форбс се намали од 2.153 на 2.095 во 2020 година, скоро половина од нив се државјани на САД или Кина.
САД водат во играта со вкупно 614 милијардери што е нов рекорд и за 7 милијардери повеќе во однос на 2019 година – иако вредноста на нивното комбинирано богатство падна од 3.1 на 2.9 трилиони долари.
Џеф Безос од Амазон останува да биде најбогатиот човек во светот, но неговото богатство е значително помало во однос на минатата година како резултат на спогодбата за развод со неговата екс сопруга Мекинзи Безос.
На второто место се најде КИна со 389 милијардери што е исто така рекорд за овој азиски гигант. Членовите на клубот со три запирки во Кина поседуваат неверојатно богатство од 1.2 трилиони долари, а тоа е за 22 проценти повеќе од 981 милијарда минатата година.
Всушност, Кина е единствената држава помеѓу 10-те земји со најголем број на милијари која забележа раст на нивното богатство. Во 389-те милијардери не се вклучени милијардерите од поранешните европски колонии Хонг Конг (66 милијардери) и Макао (1 милијардер), инаку се на се Кина би имала 456 милијардери.
Надвор од САД и Кина, преказната е помалку за раст и повеќе за опаѓање. Седум од 10-те земји со најмногу членови на списокот имаат помалку милијарди на располагање во однос на минатата година, вклучувајќи ги Германија, Индија, Бразил и Франција.
На регионална основа, азиско-пацифичкиот регион има 778 милијардери во 2020 година, што е повеќе од 768 минатата година, а нивното богатство е 2.5 трилиони долари. Скоро половина од милијардерите во овој регион го стекнале своето богатство благодарение на технологија, производство и недвижности.
Канада и Јужна Америка заедно имаат 120 милијардери со вкупно богатство 427 милијарди американски долари, помалку во однос на минатата година за 149 милијарди долари.
На листата на Форбс се најдоа и 72 милијардери од Блискиот Исток и Африка со вкупна вредност на богатството од 177 милијарди долари. Во однос на 2019 година, нивното богатство се намалило за 86 милијарди долари.