Фудбалскиот клуб Партизан официјално соопшти дека во следните три месеци на сите фудбалери членови на првиот тим, членовите на стручниот штаб и членовите на раководството на клубот ќе им бидат намалени платите за 50 проценти.
ФК Партизан ја користи оваа прилика да укаже на потребата за донесување на мерки за истакнување на солидарност и најадекватно надминување на престојната финансиска криза за време на пандемијата на вирусот САРС 2 КОВ 19 и вонредната состојба воведена во Република Србија. Бидејќи е реално да се очекува дека вонредната состојба ќе биде укината дури во втората половина на мај, а фудбалските првенства ќе продолжат во текот на јуни, јасно е дека меѓусебните права и обврски меѓу клубовите (работодавците) и професионалните фудбалери (вработени) не можат да останат исти како во вообичаена состојба, се вели во соопштението на клубот.
Се додава дека врз основа на препораките од ФИФА, мислењето на Министерството за млади и спорт на Република Србија и членовите 116 и 117 од Законот за работни односи на Република Србија, а во врска со членот 137 од Законот за облигациони односи, на својата седница Управниот одбор едногласно заклучил:
Управниот одбор на ФК Партизан со одобрение на раководителот на стручниот штаб одлучи во следните три месеци на сите фудбалери членови на првиот тим, членовите на стручниот штаб и членовите на управата на клубот, да им се намалат договорените месечни примања за 50 проценти, стои во соопштението на црно-белите.