Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Адханом упати порака до европските земји кои најавија укинување на мерките за превенција од коронавирусот, досегашните рестрикции да ги намалуваат полека и контролирано.
Ублажувањето на рестрикциите оваа недела го започнаа Австрија и Шпанија, а од денеска во Словенија некои компании ќе продолжат со работа. Во Германија, еминетни академици и предложија на Владата постепено укинување на мерките, со контролирано отворање на училиштата, градинките, рестораните и продавниците, како и укинување на забраната за патување.
Сепак СЗО стравува и предупредува дека прераното укинување на рестриктивните мерки чија примарна цел е да се спречи ширењето на коронавирусот, би можело да доведе до фатален, втор бран на епидемијата, во случај мерките на изолација да се укинат наеднаш.
-Знаеме дека во некои земји бројот на заразени се дуплира на секои три-четири дена. Ковид-19 брзо расте, но многу споро опаѓа. Досегашните прибрани податоци покажуваат дека Ковид-19 е десет пати посмртоносен од пандемијата на свинскиот грип што се појави во 2009 година, вели Адханом.
Тој смета дека единствено вакцината ќе го прекине ланецот на пандемијата.
- Ерaта на глобализацијата значи дека ризикот од повторно враќање на Ковид-19 е огромен. Само создавање на сигурна и ефикасна вакцина целосно ќе ја спречи трансмисијата на коронавирусот, нагласува шефот на СЗО.