Кои се вашите права во случај на принуден одмор или отсуство поради виша сила?
Работодавачите согласно членот 112 од Законот за работни односи додека се во сила мерките од Владата за справување со корона вирусот на работниците може да им исплатат надоместок на плата во висина од 50 проценти – во случај на отсуство од работа поради виша сила или 70 проценти во случај на прекин на работниот процес од деловни причини – принуден одмор.
– За да не престане работниот однос на работниците, работодавачот може да ја користи одредбата од членот 112 став 7 и на работниците за периодот додека не постојат можности за работа (поради одлуките на Владата) да им исплати надоместок во висина од 50 проценти од платата, стои во соопштението од владината прес-служба.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека исплатата на надоместоците на работниците за плата се дефинирани со Членот 112 од Законот за работните односи од кој посочуваат два става:
– став 7 – ако работникот нема можности да ја врши работата поради виша сила, а за да не настане престанок на работниот однос, работодавачот може да им исплати надоместок во висина од 50 проценти од платата.
– став 10 – во случај на прекин на работниот процес од деловни причини, работодавачот е должен на работникот да му издаде решение и да му плати 70 проценти од платата и тоа најмногу до три месеци во тековната година.
Согласно наведеното, а имајќи ги предвид неколкуте одлуки на Владата на Република Северна Македонија, со кои целосно се забрани работата на правните субјекти во одредени дејности, а заради спречување на внесување и ширење на коронавирусот КОВИД – 19, потребно е истата ситуација да се смета како виша сила.
Во услови на намалување на прометот, намалување на обемот на работа, работодавачот, информираат од Владата, има потреба и право на реорганизација на работниот процес со цел да не дојде до отпуштање на вработените, при што дел од вработените можат да ја реализираат работната обврска, а работниците кои не можат да обавуваат работни обврски, или пак е намален обемот на работата кај работодавачот, истите можат да го користат институтот – принуден одмор.
– Во случај на потреба од користење принуден одмор, работодавачот е должен на работникот да му се издаде соодветно решение, обврска која е предвидена согласно член 112 став 10 од Законот за работните односи, како и да му плати надоместок на плата од 70 проценти од платата за период до три месеци во тековната година. Надоместокот на плата за време на принуден одмор е утврден и во Општиот колективен договор за вработените во приватниот сектор од областа на стопанството (член 32), стои во соопштението.
Од Владата посочуваат дека и во двата случаи на примена на наведените одредби од Законот за работните односи, интерес имаат и работниците и работодавачите.
– Со тоа работниците ги задржуваат работните места, а работодавачите ќе имаат можност да ги користат мерките на Владата на Република Северна Македонија за различните видови на поддршка под различни услови и критериуми утврдени со соодветните уредби со законска сила, се вели во соопштението од владината прес-служба.
Во ваква ситуација, се посочува, сите подеднакво, во рамките на нашите можности треба да придонесеме за справување со проблемот, вклучувајќи го и предизвикот за опстанок на пазарот на трудот.