Во секоја епидемија, одреден процент од заболените ќе ја изгубат битката, а другите ќе закрепнат. Има и такви кои ќе ја поминат болеста на нозе, без никакви симптоми.
Така беше со секоја пандемија и епидемија, па истото сценарио се случува и со коронавирусот. Иако експертите првично сметаа дека се загрозени само старите лица, сепак од денешна перспектива знаеме дека сите ние сме изложени на ризик, а заразата кај постарите лица не мора да значи трагичен исход. Исто така, луѓето на иста возраст и слична здравствена состобја може да се случи да доживеат сосема различни симптоми и развој на болеста.
Зошто е тоа така? Прво, треба да се позанимаваме со самата терминологија. Инфекција значи дека сте биле заразени со коронавирусот откако сте биле изложени на него. Инфекцијата не значи изложеност, исто како што не значи и болест.
Болеста е клиничка состојба која се манифестира со симптоми како што се кашлица, треска, температура и други поблаги или потешки симптоми. Смртта настапува кога, заради оштетување на другите органи, телово веќе не може да спроведе доволно количество на кислород во крвта, ниту пак може да ги одржи другите витални функции, објаснува д-р Артуро Каседевал за Блумберг.
Во минатото, стапката на смртност и преживеани, нашите предци и ја препишувале на божјата волја. Денес, модерната медицина има подобро разбирање на навидум случајноста на смртта и преживувањето и знае да одговори зошто во група на поединци на слична возраст и со слична здравствена состојба може да се случи некој да е сигурен, а друг да го загуби животот.
Според експертите, постојат пет варијабли кои го одредуваат конечниот исход од борбата со болеста.
Првата варијабла е микробиолошката доза на инокулација, односно колку честички ја предизвикале инфекцијата. Ако сме заразени од помал број честички на коронавирусот, тогаш телото ќе може полесно да се справи со болеста, па дури и без појава на симптоми. Спротивно, ако голем број честички влезат во нашот ситем, ова понатаму доведува до масовно размножување на вирусот во телото и појава на посериозни симптоми.
Втората варијабла е генетиката. Вирусите најчесто влегуваат во телото продирајќи преку протеините на надворешните рецептори на телото. Присуството на овие протеини варира од човек до човек, а некој што ги нема овие протеини може да биде целосно отпорен на инфекцијата. На пример, во случај на ХИВ, некои луѓе немаат рецептори преку кои влегува вирусот и воопшто не се подложни на него.
Третата варијабла е патот преку кој вирусот влегува во телото. Вирусот што го вдишувате преку малите капки предизвикува различен имунолошки одговор од вирусот што го внесуваме ако допреме инфицирана површина и потоа го допреме лицето. Локалната одбрана на носот и белите дробови е различна, па и одговорот на телото е различен.
Четвртата варијабла е моќта на самиот коронавирус. Исто како кај сезонскиот грип, неговата сила не е иста секоја сезона, па така е и со коронавирусот. Како што преминува од личност на личност, тој мутира и во тој процес понекогаш ги менува своите важни карактеристики и вирулентност.
И конечно, петтата варијабла е имунитетот. Силата на вашиот имунитет, а посебно начинот на кој сте се справувале со некои минати заразни заболувања, во голема мера одредува како вашето тело ќе реагира на оваа инфекција. Имунолошкиот систем се сеќава на претходните средби со микробите и врз основа на тие искуства, ја подготвува својата одбрана против нови бактерии. Да речеме, како што велат експертите, ако сте имале грип непосредно пред да се заразите со коронавирус, овој вирус ќе се однесува непредвидливо. Кога имунолошкиот систем не препознава ништо за моменталниот напаѓач, тој касни со своите реакции, а тоа му дава време на вирусот да се шири.
Сите овие варијабли заедно како што пишува Haber, формираат еден комплексен систем, а тоа е причината зошто вирусот има различни ефекти врз луѓе со иста возраст и слична здравствена состојба.