Туристичката сезона во Грција веројатно ќе почне во јули, но потребни се здравствени критериуми за работа
Никој не знае кога оваа година ќе заминеме на одмор, таква е реалноста, пред сѐ потребни се здравствени критериуми и протоколи за работа, вели претседателот на Грчката федерација на хотелиери Григорис Тасиос во разговор со дописничката на МИА од Атина. Тој објаснува дека сѐ уште е рано да се каже кога конкретно и официјално ќе започне туристичката сезона во Грција.
Потенцира дека е важно и тоа како ќе се регулира пристигнувањето на туристите, вели дека е рано да се каже што точно ќе се бара од посетителите од странство, дали тоа ќе биде некаков вид здравствена потврда, но објаснува дека одговорноста и гаранциите за здравствената состојба на туристот, ќе треба да ја има неговата матична земја, а не Грција.
Според планот на грчката Влада за постепено олабавување на мерките и постепено префрлање во новото секојдневие, отворањето на хотелите и туристичките објекти е планирано за месец јуни. Хотелите што работат во текот на целата година, предвидено е да се отворат во јуни, додека пак сезонските туристички објекти се во последната, седма фаза од планот, без засега да биде одреден конкретен датум.
Тасиос вели дека ситуацијата е многу тешка, бидејќи сезоната теоретски и загубена и станува збор за само два месеци, кои не се доволни.