Лери Конор, директор на американската компанија „Конор груп“, за само 8 дена на берзата заработил 1,6 милиони долари кои одлучил да им ги даде на своите вработени
– Ова се тешки времиња, но начинот на кој нашите луѓе реагираа беше херојски. Почнав да размислувам за основните вредности на нашата компанија: да се направи вистинската работа. Ќе ги поделам сите 1,6 милиони долари помеѓу вас. Не го сметам тоа за подарок, вие ги заработивте – рекол Конор.
Компанијата која се занимава со недвижности, базирана во Охајо, има околу 400 вработени, а повеќето од нив продолжиле да работат и во текот на пандемијата.
Парите, вработените ќе ги добијат во облик на бонус во износ од 2.000 до 9.000 долари во зависност од нивната позиција во компанијата, објаснила портпаролката Аманда Браун, која додала дека бонуси нема да добијат вработените чија плата е поголема од 150.000 долари годишно. Просечната плата на вработените кои ќе го добијат бонусот, е околу 42.000 долари годишно.
– Семејството е на прво место, тоа е она што ме држи на оваа работа. Секогаш сум се чувствувал дека се грижат не само за мене, туку и за благосостојбата на моето семејство. Секогаш се тука да помогнат – раскажал Мемо Алба кој работи веќе 13 години во компанијата.
Освен овој бонус, компанијата се обврзала да ги плати и сите неочекувани трошоци за децата на вработените и размислува да ја прошири својата програма на заеми за вработените.
– Веруваме дека мора однапред да се погрижиме за проблемите. Во тешки времиња, тоа значи дека не можеме само да зборуваме за проблемот, мора да преземеме акција – изјавил Конор.