Пандемијата го прекина превозот на патници од Скопје со девет града во државава
Пандемијата со Ковид-19 го намали за 95 проценти меѓуопштинскиот превоз на патници.
Во целосен прекин се меѓуградските линии од Скопје кон уште девет града и обратно.
Инспекторите од Државниот инпекторат за транспорт во периодот од 27 минатиот месец до 3 месецов направиле 118 надзори за почитување на мерките.
„Притоа е констатирано дека се во целосен прекин линиите Скопје – Охрид, Скопје – Битола, Скопје – Ресен, Скопје – Прилеп, Скопје – Пробиштип, Скопје – Кратово, Скопје – Крива Паланка, Скопје – Кочани, Скопје – Берово и обратно“, информира на прес-конференција Магдалена Филиповска Грашкоска, претседател на Инспекцискиот совет.
Меѓународниот линиски превоз од почетокот на вонредната состојба е во целосен прекин.
Од направените контроли на повеќе автобуски станици во државата е утврдено дека се почитува владината одлука за 50 проценти намален капацитет, односно за преполовен број на патници.
Воедно е констатирано дека товарниот сообраќај се одвива без ограничување и се почитуваат препораките, а во еден случај од страна на Државниот инспекторат за транспорт е изречена мерка за превозник.