Работниците имаат право на платен годишен одмор од најмалку 20 дена, а со колективен договор или договор за вработување одморот може да трае и до 26 дена.
Според Законот за работните односи, годишниот одмор може да се користи во повеќе делови со договор со работодавачот, со тоа што првиот дел од годишниот одмор мора да трае најмалку две непрекинати работни недели.
Работникот кој за прв пат заснова работен однос (воопшто, не кај конкретниот работодавач) се стекнува со право на користење цел годишен одмор (од 20 до 26 работни дена) кога ќе оствари непрекината работа од најмалку 6 месеци, независно дали работи полно работно време или пократко.
При тоа мора да се знае дека работниците, во случај на прво вработување, кои се пријавени на определено работно време кое е помало од 6 месеци формално правно немаат право на користење на цел годишен одмор, затоа што во тие 6 месеци биле пријавувани и одјавувани, без разлика што се работи за ист работодавач и помеѓу пријавувањето нема пауза. Тие имаат право на користење на пропорционален дел од годишниот одмор и тоа по два работни дена од секој месец работа.
Работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување на две непрекинати работни недели годишен одмор до крајот на тековната календарска година, а остатокот до 30 јуни идната година.
Прочитајте: Слободни денови што ви следуваат по закон, а не се државни празници
Годишниот одмор кој што не бил искористен во тековната календарска година заради отсутност поради боледување или повреда, породилен одмор или одмор за нега и чување на дете, работникот има право да го искористи до 30 јуни идната календарска година.
Новост од оваа година е владината уредба со која работниците од приватниот сектор опфатени со времените мерки за заштита од ширење и превенција на Ковид-19, неискористениот дел од годишниот одмор, односно неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, имаат обврска да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот.
На работниците од приватниот сектор опфатени со времените мерки за заштите од ширење и превенција на Ковид-19, исто така, им се наложува делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 30 јуни 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот.
Прочитајте: Појаснување: За кои вработени важи условот стариот одмор да се искористи до 31 мај
За останатите вработени од приватниот сектор, рокот за искористување на деновите од стариот одмор е 30 јуни, а првиот дел од новиот одмор треба да биде искористен до 31 декември.