Mинистерот за здравство, Венко Филипче изјави дека сѐ уште е рано да се размислува за отворање на аеродромите.
Вели дека отворањето на аеродромите, отвора други прашања за тоа од каде доаѓаат луѓето.
„Голема бројка на граѓани ќе стигнат. Сѐ уште е во сила препораката за државните карантини и тоа останува засега. Не размислуваме за промена на оваа стратегија. Во тек се консултации со околните земји за некаква форма на регионален пристап“, вели Филипче.
Комисијата за заразни болести размислува за воведување имунолошки пасош за граѓаните кои сакаат да патуваат, како и за странците што ќе пристигнат. Но, уште ништо детално не е договорено на оваа тема.
Македонските аеродроми се затворени од март. Прво беше затворен охридскиот, а потоа и скопскиот аеродром.
Министерството за транспорт и врски неодамна апелираше граѓаните да не купуваат авионски билети, затоа што уште е рано да се планираат патувања.