ТАВ Македонија се подготвува за отворање на аеродромите во државава, во исчекување на точен датум и одлука од надлежните институции.
Од компанијата во разговор за Стандард откриваат дека ќе се следат меѓународните искуства, препораки и упатства за враќањето на аеродромските операции по Ковид-19. Физичката дистанца меѓу патниците во терминалната зграда на аеродромот, ќе се постигне со мерки кои ќе осигураат дека луѓето стојат или седат на пропишаната дистанца
“ТАВ Македонија ги следи меѓународните искуства, препораки и упатства за враќањето на аеродромските операции по КОВИД-19, како и националните прописи во цивилното воздухопловство, и истите ќе ги имплементираме во делот на нашите надлежности. Согласно моменталните мерки на аеродромите кои сè уште се отворени и дискусиите на експертите – хигиенските мерки кои веќе ги применуваме ќе бидат интензивирани, а мерки на социјално дистанцирање ќе бидат имплементирани во текот на целиот процес на патување на еден патник“, велат од ТАВ.
ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ: Еве до кога ќе бидат затворени границите на земјите на ЕУ
Од компанијата објаснуваат дека физичката дистанца меѓу патниците во терминалната зграда на аеродромот, ќе се постигне со мерки кои ќе осигураат дека луѓето стојат или седат на пропишаната дистанца, од нивното влегување во аеродромот, преку сите аеродромски процедури, сè додека не се качат во авион.
“Сè уште е рано да се зборува конкретните детали на сите овие промени, бидејќи чекаме официјални инструкции од надлежните државни здравствени и воздухопловни институции. Како што знаете, од почетокот на Ковид-19 кризата, Министерството за здравство правеше преглед на патниците во доаѓање со помош на термална камера и термометар. Дали и како – овој дел кој се однесува на здравствената состојба на патниците, ќе се промени, сè уште не знаеме. Штом добиеме информација од државата, ќе ги информираме патниците и јавноста. Што се однесува до нашите надлежности, како аеродромски оператор, во првата фаза од новите мерки ќе биде најважно да се практикуваат интензивирани хигиенски и санитетски мерки, со цел да се спречи влез и ширење на вирусот во терминалната зграда сè до авионот. Од почетокот на кризата, ние веднаш почнавме зачестено да дезинфицираме. Ќе продолжиме во таа насока и за тоа транспарентно ќе ја информираме јавноста, затоа што знаеме колку е чувствителна оваа тема за патниците и сакаме тие да се чувствуваат безбедни“, објаснуваат од ТАВ.
ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ: Германија ги отвора границите - познато кога ќе може да се патува таму
Од компанијата велат дека во тек се подготовките за реотворање на двата аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид.
“Како аеродромски оператор, ние се подготвуваме за реотворање на двата аеродроми, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, и покрај тоа што во овој момент сè уште не го знаеме точниот датум, бидејќи чекаме официјална информација од Владата. Како што знаете, вонредната состојба трае до 16-ти мај, но во овој момент не знаеме дали и границите и аеродромите ќе бидат отворени веднаш после овој период. Веднаш штом добиеме официјална информација, ќе ја информираме јавноста, патниците, споделувајќи ги сите важни информации со нив, во врска со идните патувања. Во однос на резервациите на авиобилети, не би можеле да кажеме, бидејќи продажбата на авиобилети не е наша дејност“, велат од ТАВ.