Возач на камион, администратор, продавач, програмер и правник се само дел од позициите за кои се однесуваат слободните работни места на веб-сајтот на Агенцијата за вработување
На веб-сајтот на Агенцијата за вработување во моментов се слободни 9.544 работни места, најголемиот дел од нив се на територија на Скопје.
Од активните огласи за вработување објавени таму, може да се забележи дека се бараат разни видови на профили на работници, со различен степен на образование, стручност, искуство и во разни стопански и нестопански дејности, од страна на компании лоцирани во различни региони и општини во државава.
Возач на камион, администратор, хигиеничар, електротехничар, лимар, бравар, столар, хаусмајстор, водоинсталатер, продавач и козметичар се само дел од отворените позиции за кандидати со средна стручна спрема.
Компаниите бараат и висококвалификуван кадар како на пример самостоен стручен соработник, правник, раководител на сектор, соработник за финансиски работи, менаџер и програмер.
Сите овие огласи се јавни и видливи така што секое заинтересирано лице може да ги погледне на веб страната на Агенцијата – www.av.gov.mk.
На страната на Агенцијата е активен и јавниот повик за мерката Обука за познат работодавач кој е отворен до крајот на годинава.