Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март 2020 година изнесувала 26.422 денари што во однос на истиот месец лани е зголемување за 7,4 отсто.
Бруто платата, пак, била 39.437 денари што е раст од 8,1 процент, соопшти Државниот завод за статистика.
Зголемувањето на нето платата се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Образование (12,2 отсто), Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (11,2) и Преработувачка индустрија (9,8 проценти).
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата во однос на претходниот месец е забележано во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (15,6 отсто), Уметност, забава и рекреација (15,4) и Стручни, научни и технички дејности (9,9).
Зголемувањето на бруто платата, според статистика, се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен во секторите: Образование (13,3 отсто), Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли (11,5) и Преработувачка индустрија (10,6).
Намалување на просечната месечна исплатена бруто-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (15,9 отсто), Уметност, забава и рекреација (15,5) и Стручни, научни и технички дејности (8,7).