На 31 мај истекува рокот за потврдување или корегирање на годишните даночни пријави кои УЈП им ги достави електронски на граѓаните. По истекот на овој рок, годишните даночни пријави добиваат статус на конечни.
На 01.06.2020 година службено ќе бидат потврдени и годишните даночни пријави што од страна на граѓаните не се ниту потврдени, ниту корегирани. Годишната даночна пријава која граѓанинот ја корегирал, а добила статус на конечна, ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи.
Доколку службеното лице не ја одобри корегираната даночна пријава ќе се донесе решение за утврдување на данокот на личен доход за 2019 година, се вели во соопштението на УЈП.
Оттаму апелираат до граѓаните кои оствариле приходи, а се уште не се регистрирале на системот е-Персонален данок, да го сторат тоа во најкраток можен рок.