Милијардерот Елон Маск е познат по своите футуристички идеи, а неговиот последен предлог е да нè спаси од безначајноста бидејќи вештачката интелигенција станува се позастапена.
Директорот на компанијата „Тесла“ и „Спејс Х“ изјави дека луѓето треба да се поврзат со машините за да станат еден вид киборзи.
Мислам дека со тек на време веројатно ќе видиме поблиска фузија на биолошката и дигиталната интелигенција, им рече Маск на присутните на Самитот на светската влада во Дубаи, пренесува CNBC.
Главно станува збор за ширина на опсег, брзина на врската помеѓу вашиот мозок и дигиталната верзија на себеси, рече Маск.
Маск објасни што значи кога тој вели дека компјутерите можат да комуницираат со брзина од „трилиони бита во секунда“, додека луѓето, чиј главен начин на комуникација е да пишуваат со прсти преку мобилен уред, можат да комуницираат со брзина од 10 бита во секунда.
Во време кога вештачката интелигенција се заканува дека ќе стане широко распространета, луѓето би биле бескорисни, така што има потреба да се поврзат со машини, смета Маск.
Интерфејс со голема способност да се поврзе со мозокот ќе биде нешто што помага да се постигне симбиоза на човечката и машинската интелигенција и може да го реши проблемот со контрола и корисност, објасни Маск.
Неговиот предлог е нов слој на мозокот кој може брзо да пристапува до информации и да влезе во вештачка интелигенција. Не е прв пат Маск да зборува за потребата луѓето да се развиваат и тоа е постојана тема на неговите разговори за тоа како општеството може да се соочи со уништувачката закана од вештачката интелигенција.
Длабоката вештачка интелигенција е опасна
За време на разговорот, Маск се осврна на неговиот страв од „длабока вештачка интелигенција“ што надминува беспилотни возила и оди до тоа што се нарекува „вештачка општа интелигенција“. Тој тоа го опиша како вештачка интелигенција која е „попаметна од најпаметниот човек на светот“ и ја нарече „опасна ситуација“.
Иако тоа би можело да се случи, шефот на „Тесла“ рече дека најголема опасност е тоа што вештачката интелигенција, особено автономните автомобили развиени од неговата компанија, ќе ги намалат работните места. Тој рече дека намалувањето на работните места за возачи ќе се случи во наредните 20 години, по што 12 до 15 проценти од глобалната работна сила ќе бидат невработени.