Агенцијата за вработување на својата веб страна објави известување во врска со донесената Уредба со законска сила со која сите невработени лица на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април 2020 година имаат право на паричен надоместок, независно од времето поминато во работен однос.
Паричниот надоместок ќе се исплатува во висина од 50% од месечната нето плата на работникот исплатена за последниот месец, но не повеќе од 80% од просечната месечна нето плата по работник во земјата, објавена за последниот месец, во случај кога работниот однос престанал со давање на писмена изјава од страна на работникот, спогодбено престанал работниот однос или работниот однос престанал со отказ од страна на работодавачот, за времетраење од два месеци, сметано од престанокот на работниот однос.
За остварување на правото на паричен надоместок, невработеното лице треба да достави Барање до надлежниот центар за вработување, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на Уредбата, односно до 26 јуни 2020 година.