Минатата недела оргазнизиравме уште еден вебинар со соработка на нашите партнери MojPosao од Хрватска.
Овојпат тема на вебинарот беше „Влијанието на коронавирусот врз HR секторот и „новото нормално“ на работното место“. Гости на вебинарот беа Виктор Мизо (Костал, Македонија), Ања Оппенхеим Барешиќ (Q agency, Хрватска), Луција Јосиќ (Adacta, Словенија) и Сања Миладиновиќ (PepsiCo West Balkans, БиХ).
Гостите споделија свои искуства и видувања на ситуацијата, како и корисни HR практики кои ги применувале соочувајќи се со предизвиците кои ги донесе новонастанатата ситуација со пандемијата.
Се зборуваше за превземени мерки за заштита, за прилагодување на работа од дома, за не/прифаќањето на неопходните промени во сите земји од регионот.
Костал Македонија е компанија која е одличен пример за добро менаџирање во кризната ситуација, а тоа го докажаа со тоа што уште на самиот почеток на кризата објавија дека нема да отпуштат ниту еден од 650-те вработени.
Виктор Мизо го потенцирше тоа и на вебинарот и објасни дека сигурноста и транспарентноста кон вработените е клучен фактор за успешен кризен менаџмент. Првите бранови на кризата компанијата почнала да ги чувствува уште кон средината на јануари, поради нивната голема поврзаност со добавувачи од Кина.
Прв фокус на компанијата во почетокот на пандемијата била сигурноста на вработените и смирување на стравот дека ќе го изгубат своето работно место. Менаџментот разговарал со сите вработени, со цел да им даде до знаење дека тие и нивната позиција во Костал се безбедни.
Со ширење на вирусот и на нашите простори, свесни дека работат во специфичен сектор, во кој најголем дел од вработените не можат да работат од дома, од Костал ги превземале сите можни мерки за заштита на вработените.
Но и покрај тоа, еден од нивните вработени се покажал како позитивен на тестот за Ковид-19. Иако не се заразил на своето работно место, тоа не ја исклучило можноста останатите вработени да се заразени. Компанијата ги превзела сите потребни мерки, самоизолација и тестирања, иако оваа информација ја дознале за време на викенд.
Првиот работен ден сите членови од менаџментот првите два работни часа ги поминале заедно со вработените во производствените погони, во знак на поддршка и заедништво, што значајно придонело за смирување на паниката меѓу вработените.
Потоа, Мизо ја потенцираше важноста на менаџментот, транспарентноста во пренесување на информации и брзото реагирање, со цел да се одржи довербата, сигурноста и безбедноста на сите вработени.
Благодарение на тоа, денес сите вработени се здрави, безбедни и вратени на своите работни места, а заболениот колега го очекуваат со нив на почетокот на месец јули, откако ќе направи две тестирања на кои ќе се покаже негативен на Ковид-19.
Она што е интересно е фактот дека компанијата и во вакви услови вниманието го насочила кон обуки и усовршување на своите вработени, од сите сектори. Организирале и вебинари со студенти во завршни години од техничките факултети. Компанијата за време на вонредната ситуација го проширила и својот тим за дури 10 нови лица на инженерски позиции.
Грижата за вработените, искреноста и транспарентноста во комуникацијата со нив и вложување во нивниот напредок е формулата за успех дури и во вонредни услови.
Очекувајте нови вебинари на интересни теми...
Снимката од целиот вебинар може да ја погледнете на линкот.