Сојузот на синдикати на Македонија бара мерката за финансиска поддршка за исплата на плати да важи и за јунската плата, но овие пари да се исплаќаат директно на сметките на работниците.
Од таму објаснуваат дека ваквото барање е поради тоа што, во изминатиот период имало информации за злоупотреби, како и поради пријавите дека на работниците им се исплаќа помал износ на плата од она што работодавачите го добиле како финансиска помош, а на некои и воопшто не им се исплаќале плати.
„По укажувањето на ССМ за појави во одредени компании кога работодавачите, иако добиле субвенции од државата во висина од 14.500 денари по работник за исплата на платата, на работниците им исплаќаат понизок износ на плата од она кое што го добиле како помош. Има и такви компании кои, иако земале државна помош, воопшто не исплатиле плати на работниците. Управата за јавни приходи информираше дека е во постапка на вршење на анализа на компаниите на кои им е исплатена финансиска поддршка и на податоците за пресметани и исплатени плати од нивна страна. За компаниите каде ќе бидат утврдени неправилности, Управата за јавни приходи по службена должност ќе ги достави податоците до Државниот инспекторат за труд и заеднички и координирано ќе постапува,“ се вели во соопштението од ССМ.
До УЈП веќе има стигнато претставки за непочитување на оваа мерка.