Зоран Јовановски: Светски познат пица мајстор со потекло од Македонска Каменица, сопственик на најпознатата Академија за правење пица во Македонија ќе не прави горди и во Шведска
Ова е приказна за Зоран Јовановски-Паламаро, по потекло од Македонска Каменица, а живее во Кочани каде што завршил средно училиште. Како и многу негови сограѓани и тој својата среќа на почетокот на 90-те тргнува да ја бара надвор од земјата. За своја дестинација ја одбира Италија, а Наполи било местото каде ги научил тајните на правење пица. Зоран се одлучил за ваков гастрономски занает откако сфатил дека најлесен начин за да се дојде до работа, било каде во светот, е доколку знаеш да правиш пици. Бидејки нема место на земјинава топка каде не се јаде пица.
Но, Зоран не застанува само на правење пица, туку станува експерт и врвен мајстор во својот занает за што добива признанија, но и голем број пехари и медали на првенствата ширум Европа.
Дека занаетот е злато вреден тоа одамана го утврдил, па затоа и одлучува да го пренесува своето занаење на сите кои се заинтересирани да прават пица и да имаат занает во раце со кој не само само што ќе го прехрануваат семјството, туку ќе живеат и пристојно и квалитетно.
И покрај големиот успех надвор од Македонија, Зоран сепак решава да се врати дома, а најголемата причина е раѓањето на неговиот внук Максимилијан. После толку години одвоен од семејството и родната земја одлучува дека сака да го гледа внукот како расте покрај него...
Чудно е да се вратиш во „Недојдија“ кога веќе си инструктор на Европски призната Академија и наградуван во цел свет, но фамилијата е поважна од се.
- Среќата да си со своето чедо е бесценета, вели Зоран одговарајќи им на коментарите дека направил погрешен чекор...
Accademia Pizzaioli e една од најпознатите академии за совладување на вештините за правење пица, а таа во Македонска Каменица е една од 140-те распространети ширум Европа. Благодарение на Зоран и Македонија се најде на мапата.
Како пица инструктор на Accademia Pizzaioli од Италија, Зоран решава да отвори академија во Македонска Каменица. Чудно по некои бизнис критериуми, но сосема логично за Зоран:
- Две причини беа пресудни за ваквиот деловен потег: првата е дека оној кој сака да нучи занает подготвен е да оди било каде и да го пронајде вистинскиот инструктор, а втората е промовирање на моето родно место за кое ретко кој слушнал... Зоран вели дека на овој начин светот слушна за Македонска Каменица и дека убавината на градот била воочена од страна на луѓе од сите континенти.
Секој е добредојден на академијата, потребна е само желба
- Академијата е единствена од ваков тип на просторите на поранешна Југославија. На истата може да се запише секој, а единствен предуслов е да се има желба. Нема старосна граница, ниту пак се потребни некакви предзнаења. По завршувањето на курсот сите стануваат дел од фамилијата на Accademia Pizzaioli и добиваат интернационално признаен сертификат, како и можност за брзо вработување и отварање сопствен бизнис.
Зоран вели дека интересот за овој занает станува се поголем, а на академијата се запишуваат луѓе од сите возрасти.
- Тоа е така бидејќи занаетот е профитабилен, а пица мајстор е многу барана и платена професија.
Секако ако ова побуди интерес кај вас пишете им и пријавете се! (линк до Facebook и Instagram)
Иако е отворена пред само 1 година, популарноста на академијата поттикнала заинтересираност и кај кандидати надвор од Македонија. Србија, Италија, Словенија, Норвешка, Тунис, Косово, па дури и Алжир се земјите од кои дошле неколку кандидати кои завршиле или пројавиле интерес за да бидат дел од Accademia Pizzaioli.
Успехот ги следи вредните и храбрите - Скандинавија е следниот чекор
Со успешната работа во Македонија Зоран добил лиценца за отварање на пица академија, а Стокхолм е неговата нова дестинација. Зошто баш Шведска?
- Освен фактот што новиот Центар за обучување на пица мајстори ќе биде единствено место од таков тип во Скадинавија, 7-8 годишното живеење и работење на тие простори ми дозволија да го проценам пазарот и да дојдам до заклучот дека побрувачката за пица мајстори таму е многу голема.
Новото проширување, паралелната работа и месечните курсеви на двете акдемија ќе значат и чести патувања на релација Македонија-Шведска, нешто што не би му сметало на Зоран, туку напротив, тоа би значело можност за раѓање на нови идеи.
Богато искуство во учество на меѓународни и интерконтинентални натпревари, но и македонски инает
Зоран е добитник на повеќе златни медали и признанија и секоја од нив му е посебно драга. Сепак, една награда се истакнува од останатите и на неа е најгорд.
-Сите награди и признанија ми се драги, но најгорд сум на златниот медал на Џингис Кан натпреварот во Монголија каде останав без багаж и без сета опрема и намирници, а имав само 2 часа до почетокот на натпреварот. Си реков не патував џабе 10.000 км за да не направам ништо, ме фати македонскиот инает и за најкраток можен рок се спремив, излегов и ја направив највкусната и најинтересната пица.
Најдобар мајстор во Шведска за 2017 година, а во Шангај помеѓу 5-те најдобри во светот
Зоран два пати ја претставувал Македонија на светско првенство. Иако останатите биле дури и по цели тимови, на крајот Зоран бил подобро рангиран од целиот американски тим на Тони Гемиџани. Очигледно е дека ниедна „планина“ не е тешка за искачување, бидејќи Зоран пред себе има зацртано нова цел.
- Во план ми е да направам по една пица на секој континент за најкраток можен рок, поточно во рок од 10-тина дена. Интересно е што ваквиот потег е нешто што никој до сега го нема направено!
Доколку се двоумите за похрабар чекор во гастрономскот занает и започнување на сопствен бизнис, Зоран има да ви каже нешто: „Доколку имате желба, волја и добар учител за многу брзо можете да влезете во светот на гастрономијата, која е една многу забавна и исплатлива професија“.
Досегашното негово искуство покажало дека сепак постои „главна состојка“ за успешен бизнис, а тоа е добра идеја и напорна работа.
Тимот на Vrabotuvanje.com има само да каже БРАВО Зоран, ти посакуваме само успеси во иднина и реализирање на сите планови и замисли. И секако, обавезно ќе дојдеме на вкусна пица во Македонска Каменица.