Објектите за трговија на мало се должни да обезбедат посебно обележани рафтови или пак да ги обележат македонските производи со ознаката „Купувам домашно” со цел корисниците на домашните платежни картички да можат полесно да ги препознаат. Ова е предвидено во измените на Уредбата за домашни платежни картички, кои Владата ги усвои на вчерашната седница.
Согласно Уредбата, правните и физички лица издаваат фискална сметка која задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи”, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.
Уредбата ги задолжува и правните и физички лица што вршат онлајн продажба посебно да ги издвојат македонските производи и услуги и да ги означат со видна ознака/стикер „Купувам домашно”, како и да постават известување на видно место на насловната страна на интернет страницата со кое ги известуваат купувачите дека со домашната платежна картичка може да плаќаат само македонски производи и услуги.