Создавање платформа за заедничко делување со особен акцент на воспоставување квалитетен социјален дијалог, е една од целите на Договорот што денеска го потпишаа Туристичко-угостителската комора (ТУК) при Сојузот на стопански комори и Синдикатот на работниците од угостителството и туризмот (СУТКОЗ) при Сојуз на синдикати на Македонија.
Целите на соработка, како што истакнаа потпретседателот на ТУК, Мартин Ангеловски и потпретседателот на СУТКОЗ, Саше Бајчевски, се јасно прецизирани во насока на продлабочување на заемните заложби за унапредување на состојбите во секторите туризам и угостителство.
-Заедно ќе делуваме за имплементација на практики за изнаоѓање квалитетни решенија, градење социјална кохезија и владеење на правото. Она што е од особен интерес е и размена на искуства и најдобри практики, како и учество во настани и активности од заеднички интерес. Посветено ќе делуваме во насока на сузбивање на сивата економија во секторот и почитување на законите кои ја регулираат областа, изјави потпретседателот на ТУК, Мартин Ангеловски по потпишувањето.
Според него, она што е од голема важност за квалитет на услугите е институционалното делување со заеднички проекти за подигнување на стандардите на пазарот на труд.
-Во актуелните услови на здравствено-економска криза од која се особено погодени туризмот и угостителството, единствено со заедничка конструктивна соработка со сите релевантни чинители од областа ќе можеме да ги надминеме бројните предизвици со кои сме соочени, дополни Ангеловски, посочувајќи дека се неопходни поддршка од надлежните институции и слух за потребите на реалниот сектор и вработените за справување со сегашните и идните предизвици.
Регионалниот претседател за туризам и угостителство – Охрид при СУТКОЗ, Стефчо Маслов додаде дека мора да се искористат сите институционални можности за поддршка на претпријатијата и вработените во секторот.
-Неопходно е заеднички да делуваме за да се задржат работните места и да се подобрат условите за работа. Посветено ќе работиме на воспоставување приоритети на краток и на долг рок со цел подобрување на условите за работа во туризмот и угостителството, рече Маслов.
Заедничките заложби на потписниците на договорот ќе бидат насочени кон почитување на меѓународните стандарди во секторот со крајна цел зголемување на стандардот на вработените и заеднички економски просперитет.