Иако за нашите граѓани сеуште е забранет влез во Грција, сепак треба да ги знаеме цените во грчките летувалишта.
Како што велат грчките угостители, цените доживеале вистински ролеркостер оваа година заради коронавирусот. Сепак, едно е сигурно, грчките угостители ги чекаат туристите.
Пред да се случи пореметување со затворање на границите, во понудата за сместување можеше да се забележи одредено зголемување на цените во одредени објекти токму заради компензација на загубите. Сепак, се случи тоа што се случи и грчките хотелиери сфатија дека постои можност тие да го загубат еден од пазарите кој оваа година ќе претставува ‘рбетот на сезоната, и пристапија со масовни попусти како во хотелската така и во понудата на апартмани.
Како што велат, има туристи, а цените на некои производи останале исти, некои се нешто пониски, а некои останале во просекот.
Во зависност од одморалиштето, но и престижот на објектот што ќе го посетите, кафе може да се испие за 2,5 до 5 евра. Просечната цена на пивото е од 3 до 4 евра, а коктелите од 6 до 10 евра.
Водата е стандардна 50 центи за шише или 1,5 евра за литар во таверните.
Што се однесува до гирото, цените се разликуваат од 2 до 3 евра во просек, а пицата од 6 до 10 евра, во зависност од одморалиштето.
Ако и оваа година калкулирате со вашиот буџет за летување, олимпискиот регион е најисплатлива варијанта. Она што е важно, е фактот дека угостителите се придржуваат кон мерките за заштита од типот на носење маски, нараквици, посебни раздвоени маси.
На пример, Халкидики е нешто поскапа варијанта во споредба со олимпискиот регион, Тасос, Евија или одморалиштата близу Солун, така што туристите можат да очекуваат просечна или малце повисоки од горенаведените цени.
Во рестораните и таверните се почитуваат мерките за растојанието помеѓу масите, и е поголемо од вообичаеното, а келнерите носат маски или визир.
Што се однесува до лежалките и чадорите, годинава, заради здравствените протоколи, сите објекти кои ја нудат оваа услуга мора да ги постават на растојание од 4 метри, а цените се пониски од порано.
Во Халкдики, во баровите каде минатата година сетот чинеше 10 евра, сега наплатуваат 5.
Според многумина, оваа сезона е предизвик за секој што се занимава со туризам, а конечните проценки на загубите ќе бидат релевантни само на крајот на сезоната.
Дотогаш, Егејското и Јонското Море продолжуваат да мамат со својот тиркиз и убавина за сите оние кои сакаат да одат кај јужниот сосед за да соберат сила за следната есен и зима.