Девет популарни називи на работни места – научете ги уште денес!
Не е лесно да се справиме со денешниот деловен свет, особено ако се има предвид дека постојано сме опкружени со странски зборови и ознаки. На пример, зборот CEO толку многу се наметна што ретко кој го користи неговото вистинскот значење „извршен директор“, што е всушност македонски превод на истата работна позиција.
Ајде, ќе речете овој израз сме го прифатиле бидејќи се користи секаде, но што е со другите? Тука ќе објасниме што точно значат овие кратенки кои редовно ги забележувате во огласите за вработување, а ќе започнеме од најпознатите:
CEO – Chief executive officer
Извршниот директор е одговорен за надгледување на активностите на целата компанија. Нему сите му поднесуваат извештај. Неговите одговорности се да осмислува краткорочни и долгорочни стратегии, да распоредува задолжувања, да делегира, да координира извршување на задачите и др.
COO – Chief operations officer
Главниот оперативен директор управува со компанијата на дневна основа. Тој има задача да дизајнира и да ги имплементира деловните стратегии, планови и процедури. Поставува сеопфатни цели за перформанси и раст и ги охрабрува вработените да остваруваат максимални резултати со посветеност.
CFO – Chief financial officer
Главниот финансиски директор е одговорен за надзор на финансиските активности, финансиско планирање и управување со ризик, за текот на парите и анализа на податоците. Одговорностите на финансискиот директор се управување со сметководство, човечки ресурси, односи со инвеститори, правни, даночни и трезорски оддели. Составување периодични планови за проток на готовината, составување извештаи за озвршените ставки од плановите, анализирање на извештаи и сл.
CTO – Chief technology officer
Технички директор или Раководител на Технички оддел, се фокусира на научни и технички проблеми. Тој мора да учествува во клучните одлуки како член на извршниот менаџерски тим, да одржува блиски односи со сите членови на раководниот тим, да ги надгледува трансакциските системи на компанијата и многу повеќе.
CIO – Chief information officer
Директор за информатичка технологија, одговорен за ИТ и компјутерски системи неопходни за функционирање на компанијата. Неговите одговорности се: советување и помагање на повисоките раководители во врска со набавка и управување со ИТ. Потоа, развој, одржување и олеснување на спроведувањето на здрава и интегрирана ИТ структура. Промовирање на ефикасно дизајнирање и работење на сите поголеми ИРМ процеси за агенцијата, вклучително и подобрување на работниот процес.
CAO – Chief administrative officer
Директор за администрација – надгледува финансиски, административни и маркетинг работи. Обезбедува влез во деловното и стратешко планирање, поставува цели за одделенија и индивидуални менаџери, соработува со колегите за спроведување на политиките, организира, координира внатрешни работи и друго.
CRO – Chief risk officer
Директор за ризици -одговорен за управување со ризиците и можностите на компанијата. Неговите одговорности вклучуваат одржување на регистар на ризици засновани врз применливи закони и прописи, шеми за измама и АМЛ размислувања, одржување на попис на внатрешни контроли и мапирање на клучните области на ризик, следење на напредокот преку внатрешна ревизија, само-тестирање или контрола.
CCO – Chief creative officer
Креативен директор во креативните или дизајнерските индустрии – е надлежен за управување со креативниот тим. Тој е одговорен за насочување на креативниот производ на компанијата, развој на стратегија за уметнички дизајн со кој се дефинира брендот на компанијата, создавање уникатна имиџ на компанијата и доставување препознатлив дизајн на потрошувачите.
CMO – Chief marketing officer
CMO е директор на маркетинг, а неговите одговорности се планирање на маркетинг цели, спроведување маркетинг планови и програми, истражување, анализирање и следење на финансиски, технолошки и демографски фактори кои влијаат на можностите на пазарот, планирање и следење на рекламирањето, промоција и сл.