Германија е се поблиску до финалната одлука дали да ги продолжи правилата за вработување на ниско квалификувана работна сила од Западен Балкан, што досега им помогна на десетици илјади работници да најдат работа во земјата.
За потсетување, правилото беше воведено во 2016 година и се очекува да важи до крајот на оваа година, а наскоро германските политички партии треба да одлучат дали сакаат да го продолжат правилото по крајот на оваа година.
Иако сè уште нема официјални информации, германските медиуми повикувајќи се на своите извори во германските политички кругови тврдат дека правилото ќе биде продолжено, но дека ќе биде воведена годишна квота од 15.000 работници за сите земји од Западен Балкан.
И покрај недостатокот на информации, германскиот весник „Welt am Sonntag“ објави статија во која се тврди дека парламентарниот клуб ЦДУ-ЦСУ, односно партијата од која доаѓа канцеларката Ангела Меркел, ќе даде поддршка за продолжување на овој указ, условен со воведување на квоти.
Од федералното Министерство за труд велат дека управувањето со миграцијата е можно со издавање на дозволи, односно визи, во согласност со, како што објасниле, потребите на пазарот на трудот доколку нема кандидати за специфични работни места од Германија или други земји од ЕУ.
Според неодамна објавената статистика, Германија имала дури 600.000 повеќе невработени минатиот месец од претходната година. Сепак, многумина истакнуваат дека напорната физичка работа во градежништвото сè уште не привлекува значителен број Германци и покрај зголемената невработеност, а токму тоа е индустријата во која најчесто се вработени нашите неквалификувани работници.
Покрај тоа, една германса студија откри дека Западен Балкан има квалификувани занаетчии што и се потребни на Германија, а во таа земја нема доволно вакви луѓе - како што се sидари, водоводџии, електричари, чевлари...
Извор: Nezavisne